Веселин Вујовиќ долги години беше на клупата на Вардар. Селекторот на Словенија моментно е без клупски ангажман по отказот во нишки Железничар, но будно ги следи ракометните прилики во Македонија, особено во и околу „црвено-црните“. Попладнево беше гостин во ТВ „Арена спорт“ како стручен коментатор за малото и за големото финале во Лигата на шампиони.
„Како поранешен тренер на Вардар се чувствувам неверојатно. Ова е успех што тешко се објаснува и опишува со зборови. Можам да замислам како се чувствуваат играчите и нивните навивачи со кои постојано сум во контакт, но и македонскиот народ, се разбира. Ракометарите пратија јасна и силна порака од Келн. Во Уставот на земјата треба да биде допишано дека Вардар не смее да згасне“, рече Вујовиќ од белградското студио.
Вардар вечерва во Келн го репризира успехот од 2017 година и по вторпат го подигна пехарот во ракометната Лига на шампиони. Во финалето беше совладан унгарски Веспрем со 27:24 (полувреме 16:11), откако со неверојатен пресврт во полуфиналето беше елиминирана силната и скапа Барселона со 29:27.
Извор: novatv.mk