Органите на правдата го бараа Мијалков два дена, но тој дојде во свое време и по своја волја и на локација која што самиот ја одбра. Во меѓувреме, системот му исполнил и лични барања: Обвинителството се откажало од две жалби. Едната која можела да донесе затворски притвор за Мијалков, а втората која му овозможува притворските денови да ги мине во луксузна куќа на Водно, наместо во неговиот стан во Капиштец. Иако теренот на Водно е потежок за надзор, Рускоска не се пожалила на ова. Според тандемот Русковска – Јовески неговото доброволно појавување е олеснителна околност заради која што тој не мора да оди во притвор во Шутка. Постапките на надлежните сугерираат дека системот одиграл поволно за премислениот бегалец.
Мина и првата притворска ноќ на повратникот Сашо Мијалков во удобноста на неговиот дом во вила во населбата Водно. Обвинителите Вилма Русковска и Љубомир Јовески и министерот Оливер Спасовски се вратија на секојдневните работни обврски да се борат против криминалот и корупцијата. Сите признаа дека системот потфрлил, но никој од нив не презеде одговорност за бегството на Мијалков.
Ако викендот на 20 и 21 февруари МВР и Обвинителството констатираа дека обвинетиот е во бегство, во следните два дена следувале непристојни понуди и непринципиелни одлуки од првите луѓе на клучните институции кои трагаа по бегалецот.
Вторник, 23 февруари
Премиерот Зоран Заев во владата на итна координација ги повикува министрите за внатрешни работи и правда, претседателот на Кривичниот суд Иван Џолев и Јавниот обвинител Љубомир Јовески.
„Работа на премиерот, меѓу другото, е и да ги координира институциите на извршната власт и да ја обезбеди неопходната соработка со правосудните органи, особено во вакви исклучително важни ситуации како во случајот со бегството на Мијалков. Токму тоа и сите активности што се презедоа во последниве два дена дадоа резултат и правдата е обезбедена“, одговорија од владата на прашањето зошто премиерот ја координира акцијата за пронаоѓање на Мијалков.
Државниот јавен обвинител Јовески на прашања на ИРЛ зошто бил повикан на средбата кај Заев кусо одговори:
„Заради неопходна соработка на надлежните институции во откривањето на кривични дела и нивните сторители“, беше кусиот одговор на Јовески.
По оваа средба во Владата, Јовески ја повлекува жалбата со која бараат да му се одреди затворски притвор на Мијалков.
15.00
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски одржува прес конференција на која изјавува дека најверојатно Мијалков не ја напуштил земјава.
16.50
Сашо Мијалков ноншалантно, облечен само во блуза, дошетува до камерата на Телевизија 24 и новинарот Мишко Иванов кој се наоѓа пред зградата на Јавното обвинителство. Бегалецот по кој се трага со меѓународна потерница се јавува во живо на телевизија и изјавува дека не избегал и тука е за да го подигне решението за домашен притвор.
Повеќе >> irl.mk