Со нетрпение ја очекуваме Северна Македонија како 30-та членка на Северноатлантската алијанса, порача генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг на синоќешниот прием во Собранието што за него и за 29-те амбасадори на Алијансата, го приреди собранискиот спикер Талат Џафери.
– Наскоро, кога процесот на вашето пристапување ќе биде завршен, со нетрпение ќе ја пречекам Северна Македонија како триесеттата членка на нашата Алијанса. И да го видам вашето знаме развеано пред нашето седиште во Брисел, како и во нашите мисии и операции насекаде низ светот, рече Столтенберг.
Тој и честиташе на земјава за успесите што ги постигна изминатиот период на патот кон евроатланските интеграции, за храброста и решителноста да го реши проблемот со името, кој ја кочеше нашата земја премногу долго. Оцени дека придобивките од зачленувањето во НАТО се веќе очигледни, инвестициите оваа година се зголемени за три пати, а државата веќе учествуваше на состаноците на министрите за одбрана и за надворешни работи на земјите членки на НАТО, што се одржаа во февруари и во април оваа година.
-Нашата Алијанса се грижи за безбедноста на луѓето, но и за почитување на нашите вредности – слобода, демократија и владеење на правото. Во 1949 година, министрите за надворешни работи од дванаесет земји го потпишаа Договорот од Вашингтон. Наскоро, кога процесот на вашето пристапување ќе биде завршен, со нетрпение ќе ја пречекам Северна Македонија како триесеттата членка на нашата Алијанса. И да го видам вашето знаме развеано пред нашето седиште во Брисел, како и во нашите мисии и операции насекаде низ светот, порача Столтенберг.
Претседателот на Собранието Талат Џафери рече дека тоа што сме домаќинини на Северноатлантскиот совет, за нашата држава претставува признание и потврда дека заслужено стануваме членка на НАТО Алијансата.
-Свесни сме дека членството во НАТО е динамична категорија која носи многу предности и придобивки, но во исто време, налага и многу обврски. Зачувувањето на мирот и безбедноста на глобално ниво, справувањето со сите предизвици кои го загрозуваат мирот, почитувањето на човековите права и слободи, парламентарната демократија и владеењето на правото, сѐ се тоа вредности врз кои почива НАТО Алијансата и кои се обврска на секоја земја членка. Република Северна Македонија верува во овие принципи и во оваа пригода, сакам јавно да нагласам дека, како полноправна членка на НАТО, посветено и одговорно, како и досега, ќе продолжиме во остварувањето на овие темелни вредности и принципи кои не обединуваат со сите земји членки на НАТО, рече Џафери.
На приемот во Собранието присуствуваа и претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев, како и претставници од дипломатскиот кор во земјава.
Столтенберг и амбасадорите вчера пристигнаа во Скопје.
Официјалниот дел од посетата на делегацијата на највисоките тела на НАТО започнува денеска со церемонијата на официјалниот пречек на платото на Владата, по што Столтенберг ќе има и тет-а-тет средба со премиерот Зоран Заев.
Потоа ќе се одржи состанок на Северноатлантскиот совет со Комитетот за интеграција.
Генералниот секретар Столтенберг утре ќе биде примен и од претседателот Стево Пендаровски.
извор: новатв.мк