Поголема одговорност, продолжување на реформите, заокружување на евроатлантските интеграции, исполнување на ветувањето дека годинава ќе биде успешна на економски план, вети Владата во пресекот на двегодишното владеење.
На неколкучасовниот форум што по тој повод го организираше Владата беа изнесени оценки и предлози на што таа треба да се фокусира во наредниот период: подобрување на условите за бизнис, да не дозволи да има случаи во кои ќе биде жртвувана правдата, да покаже нулта толеранција против корупцијата, да ја врати довербата на граѓаните во институциите, да ги спроведе реформските закони што ги покриваат проблемите на ранливите групи во општеството, како и да го реформира образованието и да одвои повеќе финансии за културата.
– Проверете во фиоките кои предмети не ви се решени. Видете ги сите предметите за кои сте рекле „не“ како може да им кажете „да“ на граѓаните. Да растат одговорноста, транспарентноста и отчетноста, апелираше премиерот Зоран Заев до министрите, директорите и до јавната администрација, порача меѓу другото Заев.
Тој нагласи дека по суштинските промени во државата што се забележани и во Извештајот на ЕК за напредокот на Северна Македонија сега граѓаните чекаат јасен потег од Европската унија и датум за почеток на преговори.
Задачите што ги исполнила Владата, смета премиерот, донеле суштински промени: ослободување на државата од заробеност, процес на деинсталација на режим и интеграција на земјата како пример кој блеска на Балканот.
извор: фактор.мк