Скандал со перење пари и злоупотреба на службена положба ја тресе Фудбалската федерација на Македонија. Главната сметководителка на Федерацијата, Олгица Младеновска, се сомничи дека со години допишувала нули на фактурите за да добие поголема сума пари од ФИФА и УЕФА, водела двојно книговодство, шурувала со фирми кои пружале различни услуги на ФФМ со кои го делела ќарот и само во последните две години го оштетила буџетот на Федерацијата за повеќе од еден милион евра.
Вработени во Федерацијата за „А1он“ велат дека Младеноска водела луксузен живот на сметка на ФФМ. Доаѓала на работа со чевли од 1.000 евра, со чанти кои чинат неколку нејзини официјални плати, со скапи парфеми…
„Кога правеше слави дома, имаше послуга. Луксуз се гледаше на сите страни. Таа вози ‘лексус’, нејзиниот сопруг ‘хјундаи’, а за синот, кој патем студира во Италија, купи ‘мини купер’. За матурската на синот Северина пееше на видеобим. Трипати годишно одеше на одмор, и тоа секогаш на скапи места, места кои со нашите плати е невозможно да се посетат“, велат вработени во Федерацијата кои бараа да останат анонимни.
Иако со години Младеноска водела луксузен живот, од Федерацијата се посомневале во неа лани во октомври. Поднеле кривична пријава против неа и против непознати лица за кои претпоставуваат дека ѝ помагале. Младеноска истиот месец прво била суспендирана, а потоа и избркана од ФФМ, каде што работела околу три децении. Молчеле за скандалот со месеци оти сметале дека ако ја информираат јавноста ќе наштетат на истрагата.