Тројца повредени во сообраќајната несреќа на шест возила на автопатот Велес-Скопје

Тројца патници се повредени во сообраќајката кај месноста Кула, во која според АМСМ учествувале шест возила, при што двајца се пренесени во велешка болница, а еден на клиника во Скопје. Таа се случила утрово околу осум часот на автопатот Велес-Скопје и според сведоците, автомобил со кавадаречки регистарски таблички удрил во задниот дел од камион, а потоа на нив налетале други возила. Во моментот кога се случила несреќата имало густа магла.

„Повикот за наша интервенција беше во осум часот, а екипите стигнаа на местото во 8:13. Стануваше збор за сообраќајна незгода во која имаше три повредени лица. Утврдено е дека две се со лесни телесни повреди и тие се префрлени во велешка болница. Третата, тешко повредена пациентка веднаш е пренесена на Клинички центар ‘Мајка Тереза‘ во Скопје“, изјави д-р Страхил Тодоров, портпарол на Итната помош при ЈЗУ Здравствен дом Велес.

Од Клинички за МИА информираа дека пациентката е во кома, со скршеници на главата и крварење.

Во ЈЗУ Општа болница Велес утрово биле примени две лица, кои биле хоспитализирани на Одделот за ортопедија. С. М. (37) и десетгодишно девојче биле тетин и внука.

„И двете лица имаат телесни повреди кои не се од сериозен карактер. Направени се прегледи од ортопед и невролог, извршени се снимања и комплетни лабораториски и рендгенски испитувања. Задржани се на опсервација во болницата“, изјави д-р Тодор Јаковлевски, портпарол на Општа болница Велес.

Поради увид на местото на настанот, сообраќајот на автопатот Велес-Скопје повеќе часови беше во прекин.

loading...
SHARE