Грција ќе ја блокира Северна Македонија за ЕУ и при најмало поткопување на Договорот од Преспа

Грција блокада
Прочитај за: 3 минути

Пред изборите во април, а во контекст на односот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ кон Договорот од Преспа, грчкиот универзитетски професор Јанис Армаколас вели дека не само што можностите за еднострана промена на Договорот се крајно ограничени туку и дека при евентуално најмало поткопување на Договорот, Атина бурно ќе реагира, блокирајќи каков било напредок (н.з. на Северна Македонија) во процесот на интеграција во Европската Унија.

Што би можела да донесе евентуална промена на власта во земјава е темата на која за агенцијата МИА зборуваат професорот на Универзитетот „Македонија“, Јанис Армаколас, и новинарката Александра Вудури, и двајцата одлични познавачи на односите Атина-Скопје.

Професорот Армаколас коментира дека изјавите што доаѓаат од ВМРО-ДПМНЕ „се чини дека веројатно се предизборни, а не обработени позиции што ги земаат предвид сите параметри и веројатни последици од некои потези“.

„Дури и една силна влада што е против Договорот од Преспа има конкретен простор на движења. Договорот не може да се ревидира во насока во која некои замислуваат, бидејќи и во Атина има влада која би сакала промени точно во спротивната насока. Па така, говориме за еднострани активности. А таму, просторот за директно таргетирање на договорот е ограничен. Не постои очигледен и лесен процес на еднострана промена. Меѓународните услови и политиките на западните земји, во никој случај, не се наклонети кон директно поткопување на договорот, а апсолутно е сигурно дека Атина бурно ќе реагира, блокирајќи каков било напредок во процесот на интеграција во Европската унија“, вели професорот Армаколас.

Тој објаснува дека дури и најмалиот потег на директно поткопување на договорот, брзо ќе ги одведе двете земји во услови „на студената војна од 90-те години“. Коментира дека директното таргетирање на договорот не е веројатното сценарио.

„Мислам дека поверојатно би било едно индиректно и од низок профил поткопување на договорот. Но, многу брзо би се докажало дека и овој пат води до слични негативни последици. Дури и со задоцнување, грчката страна би сфатила дека Северна Македонија го поткопува договорот“, вели Армаколас и додава дека при вакво сценарио, би се зајакнале и „поострите“ гласови во Грција, а со тоа грчката влада „би била принудена да го заостри ставот кон Северна Македонија“.

Со сличен став е и искусната новинарка од радиото „Атина98.4“ и „Макрополис.гр“ , Александра Вудури, која во разговор со дописничката на МИА од Атина, вели дека станува збор за меѓународен договор што подеднакво ги обврзува и двете земји.

„Ова значи дека ако едната од двете страни се обиде да го ревидира или да го поништи или да не го спроведе, тогаш се дава можност за поништување и од другата страна. Впрочем, врз основа на ова и Кирјакос Мицотакис, иако како лидер на опозицијата беше против Договорот од Преспа, уште од прв момент изјави дека по ратификацијата ќе биде почитуван, а како премиер веќе бара целосно спроведување. Во Северна Македонија, каде што веќе неформално е започнат предизборниот период, изјавите на функционери од ВМРО, партијата што исто така застана против Договорот од Преспа, се горе-долу очекувани, бидејќи јасно се за собирање на нивните приврзаници, но и за да ги привлечат сите оние кои што се чувствуваат разочарани од последните случувања на европско ниво, особено по ,ветото’ од Франција минатиот октомври за почеток на пристапни преговори“, вели новинарката.

Она што би можело да се очекува е со евентуалната влада на ВМРО-ДПМНЕ да има доцнења во имплементацијата на одредени делови од договорот „нешто што одново би ги отежнало односите меѓу Грција и Северна Македонија, кои сега се во правилна насока“.

SHARE