„Ла Верита“ со нови докази за Зоран и Вице ја демантира Русковска која ги прогласи за невини

ла верита, зоран заев, вице заев

Нови бомби од Ла Верита – браќата Заеви шиканирале струмичани оти не гласале за СДСМ на парламентарните избори во 2014-тата.

Второто продолжение од аферата „Поткуп на гласови“ која ја обелодени италијанскиот новинар Лорис Гајcер, покажува шокантни разговори во кои Вице Заев, брат на екс премиерот, нарачувал отпуштање од работа на лица кои гласале спротивно од интересите на СДСМ. Мета на незадоволните Заеви во 2014 година биле една бебиситерка која работела кај член на нивната фамилија, шура и шуранајка, па дури и шофер. Во одмаздата им помогнале и од локалната ЕВН па без стуја останале цели семејства кои својот глас го дале за друга политичка опција, пишува Ла Верита.

Интернет изданието на весникот, каде е објавено видео со документите кои ги имало и македонското обвинителство, детално ја опишува мрежата за поткуп на гласови. Мета на Заеви најчесто биле ромските семејства, на кои им се нуделе од 10 до 25 евра по глас, па дури и цели градежни парлеци и градежни материјали.

– Анализираните документи опишуваат сценарио во кое тогашниот лидер на СДСМ и градоначалник на Струмица, осомничен за изборни измами, се служел со нерегуларни средства за да биде избран во Собранието, за потоа да стане премиер. Гласачите кои одлучиле да соработуваат биле плаќани, за секој глас поединечно, од 10 до 25 евра, во две менувачници раководени една од Вице Заев и една од негов колега. Една од двете менувачници, ‘Даскал’, е во сопственост на Марјан Даскаловски, кој исто така бил избран за пратеник во Собранието заедно со Заев, и бил претседател на локалниот огранок на СДСМ. Во случај сумата да не била доволна да се убедат граѓаните, се одело и до таму да се понудат градежни матетријали за градење куќи или пак поврзување на домовите со комуналната инфраструктура. Човекот што бил главен за испазареното поврзување со или исклучување од комуналната инфраструктура, оној што ги контролирал вработените во општината е директорот на ЈП Комуналец-Струмица, Зоран Георгиев. Тој, служејќи се со службените ресурси што му биле на располагање, се заканувал или ги казнувал тие што се двоумеле дали да соработуваат при гласањето, а секако ги наградувал оние другите. Во Македонија Георгиев е познат по тоа што бил шеф на сите изборни кампањи на Заев и дека е сопруг на судијката од судот во Струмица, Лорета Георгиева, која во времето на владеењето на Зоран Заев станува член на Судскиот Совет, институцијата која има задача да го контролира работењето и ефикасноста на македонските судии – пишува италијанскиот весник.

Сепак, останува дилемата од каде Заеви знаеле како гласале струмичани, имајќи предвид дека гласањето е тајно, а тајноста е загарантирана со Закон.

Според документите објавени во весникот, Заеви со помош на високи општински функционери издавале лични карти по скратена постапка за да можат поткупените гласачи навремено да се упатат кон гласачките места.

За целиот случај сознанија имало и Обвинителството за борба против организиран криминал во Скопје, каде поседувале извадоци од снимени разговори помеѓу браќата Заеви. За ова вчера преку медиумите, реагираше обвинителката Вилма Русковска. Случајот не го процесуирала пред судот оти не видела докази за кривично дело.

Новинарот Гајсер пак со нова дилема. Зошто обвинителката која не видела доказ за криминал, веднаш не го затворила случајот?

Во меѓувреме за аферата објавена во Ла Верита реагираа и од СДСМ. Велат се работи за манипулација нарачана од ВМРО-ДПМНЕ, „која преку измислици и монтирани случаи во недостиг на идеи и програма, продолжува со обидите за манипулација на јавноста“.

Извор: alfa.mk

SHARE