„За универзитетскиот професор по меѓународно право од Институтот за политички студии во Белград Игор Јанев е нејасно како германскиот канцелар не ги познава основните принципи на меѓународното право и дозволува Бугарија да наметнува вакви нерационални и меѓународноправно неиздржани условувања. Јанев за Нова Македонија вели дека е уште повеќе изненаден зошто вакво непознавање покажува и самата ЕУ.
„Шолц би требало да знае дека асимилацијата е нелегална во меѓународното право, секогаш и независно од контекстот, историскиот или кој било друг. И негирањето на националниот идентитет е секогаш нелегално и претставува етноцид, ако е дел од надворешната политика. Како не можеше Шолц да ја препознае асимилаторската политика на Бугарија во условите одредени од оваа земја во контекст на добивањето датум за почеток на пристапните преговори на Македонија со ЕУ!’ – појаснува професорот Јанев.“
Според Јанев, Шолц и ЕУ не ја разбираат вистинската природа на проблемот и на тој начин го прекршуваат меѓународното право, прифаќајќи ги и грчките, а сега и бугарските условувања.
‘Според ЕУ, ‘РСМ’ треба да направи уште еден ‘храбар чекор’ и да ја прифати бугарската идентитетска спогодба – компромис, исто како што беше направено порано со Преспанскиот договор. Во ЕУ немаат разбирање на меѓународното јавно право, бидејќи не сфаќаат дека каков било идентитетски договор секогаш не е легален и по својата природа, на долг рок, не е применлив во пракса. Идниот бугарски компромис/договор би претставувал самонегирање на сопствениот идентитет и бугаризација на народот. Ова е неприфатливо. Како може ЕУ да претпоставува дека ние ќе се откажеме од тоа дека сме Македонци и како мисли ваквиот акт да се реализира во пракса?’– нагласува професорот Јанев.“