Претседателот на Собранието Талат Џафери денеска преку соопштение одговори на поднесената интерпелација што за него ја поднесоа пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата. Интерпелацијата, наведува Џафери, „содржи низа невистини и претставува груб обид за манипулација“.
„Тврдењата изнесени во интерпелацијата јасно укажуваат на намерата на подносителите без каква било основа да ги девалвираат моите постигнувања, посебниот придонес што го дадов во изминатите пет години во подигнувањето на нивото на дијалог и демократска култура во законодавниот дом, преземајќи чекори кон јакнење на независноста на Собранието и на неговата контролна функција во однос на извршната власт – нешто што беше речиси незамисливо во периодот кога дел од сегашните подносители на интерпелацијата беа мнозинство во парламентот.
Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, секако, се свесни дека, за дневно – политички цели, поттикнати од нивното партиско седиште, пласираат груби невистини со наводите во интерпелацијата дека ги прекршувам Уставот, законите и собранискиот Деловник“, вели Џафери во писмото.