Премиерот Димитар Ковачевски вели дека нема да инсистира да добиеме компензации поради тоа што се придруживме на руските санкции на ЕУ. Тој во интервју за МИА вели дека во време на криза не било пристојно да се бараат компезации, иако новинарката Тања Милевска инсистираше дека такво нешто ни следува.
„Северна Македонија се усогласува со санкциите, а за возврат, да не збориме што уште не сме го добиле датумот, не добиваме ни компензации“, протестираше Милевска. „Кога се работи за светска криза не можеме да збориме за компензации една земја или асоцијација на земји како ЕУ да компензира други земји бидејќи да бидеме искрени сите се изложени на светската криза.“
Милевска го потсети дека сепак Македонија не ги вовела тие санкции сама туку била повикана да го стори тоа од ЕУ. Но, Ковачевски не попушти.
Ако ги погледнеме цените на енергенсите и тука во Брисел кај што се наоѓаме, тие се многу повеќе покачени отколку во Македонија, цените на храната исто така се покачени. Во однос на помошта и нашата економска соработка, ние не можеме да кажеме дека немаме помош од ЕУ. Ние сме корисници веќе на трет пакет на ИПА фондови коишто се со милионски износи во евра и со коишто се поддржуваат инфраструктурни проекти. Второ во најголемата ковид криза ни беше достапна макрофинансиска помош од ЕУ во износ од 120 милиони евра којашто ни помогна во тоа време и ни се на располагање кредитни линии како од Европската Банка за Развој, Европската Инвестициска Банка, Европската Централна Банка за справување со економските предизвици. Така што ние не можеме да кажеме дека немаме економски бенефити од нашиот договор за стабилизација и асоцијација, рече тој.