Најверојатно премиерот Заев во Софија ќе се сретне со колегата Јанев и со претседателот Радев, со кои, како што најави, ќе разговара детално за патоказот, за работата на мешаната комисија и за креативните решенија содржани во португалскиот предлог, пишува Слободен Печат.
– Имам чувство дека на 22 јуни нема да се реши проблемот, Бугарија има техничка влада и нема парламент, но не е невозможно. Ова го кажувам за да не ги кревам очекувањата на граѓаните, но имам одговорност да кажам и дека наша должност е да направиме сѐ, па ако е можно и да направиме и да заклучиме договор што би бил ратификуван од наша страна и од идната бугарската влада и парламент. Важно е дека бугарската страна не ги оспорува автентичноста, потврдата и постоењето на македонскиот јазик и идентитет и за таа тема не се разговара – рече вчера премиерот Заев.
Не очекувам на самитот на ЕУ на 22 јуни да се реши проблемот со Бугарија, пред сѐ затоа што таму има техничка влада и нема парламент, но верувам и дека деновиве може да постигнеме некаков договор и заклучоци што подоцна ќе бидат усвоени и од идната бугарска влада, рече вчера премиерот Зоран Заев, по учеството на самитот на НАТО во Брисел, каде што завчера имаше средби со повеќе светски лидери, како и со бугарскиот претседател Румен Радев. Премиерот најави дека најверојатно утре или в петок ќе замине во Софија на средби со бугарскиот државен врв, со претседателот Радев и со техничкиот премиер Стефан Јанев, на кој очекува, како што рече, детални разговори.