Во вечерашното издание на емисијата “Што не е јасно?” гостуваше поранешниот градоначалник на Град Скопје од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Коце Трајановски кој зборуваше за инфраструктурната стагнација, погрешните политики на сегашниот градоначалник Петре Шилегов, како и лошите проекции за иднината и развојот на градот, објави Курир.мк.
Трајановски потенцираше дека во време кога тој бил градоначалник, Град Скопје бил прогласен за еден од најмобилните градови во Европа. Приматот за најмобилен град не е ни малку случаен, поради тоа што се работеше на олеснување на градскиот јавен превоз, жичарата на Водно, вело патеките низ Скопје, како и пешачките зони, додава Трајановски.
“Во 2009 ЈП должеа околу 17 милиони евра, а во 2011 година Град Скопје веќе беше стабилен и со спремен буџет за инвестирање во капитални проекти. Тоа покажува за силната администрација, посветената работа, како и јасната визија за напредок и реализација на проектите. Сега во 2017, откако Петре Шилегов го презема Град Скопје, градот е повторно задолжен и касата е празна. Тоа е доволен показател за недомаќинското работење на Шилегов”, истакна Трајановски.
Шилегов поради лошото менаџирање ги обврза граѓаните да плаќаат поголеми даноци и Паркови и Зеленило да наплаќаат поголем данок, на страна од оној на Водовод и канализација, а тоа граѓаните можат и да го приметат на сметките кои што им стигнуваат на месечно ниво. Таквите потези не се воопшто добри ниту за граѓаните, ниту пак за Град Скопје, бидејќи проблемите не се решаваат на таков начин, туку со реална перцепција за проблемот и професионален приод кон решавањето на истиот, истакна Трајановски.