Основното јавно обвинителство Гостивар врши увид на местото на настанатиот пожар во станбена зграда во Гостивар. Во моментов се очекува пристигнување и на специјална екипа од Одделот за криминалистичко- технички испитувања и вештачења при МВР, со цел испитување на причините за пожарот во кој, како последица на задушување, животот го загуби едно дете на 7-годишна возраст.
Притоа, издадена е наредба за обдукција на телото на починатото дете и се разговара со очевидците на настанот. По наредба на јавниот обвинител, се врши прибирање на трагите од лице место, кои треба да помогнат за прецизно утврдување на причините за настанатиот пожар.
Првичните сознанија на лекарскиот тим на лице место упатуваат на тоа дека детето за време на пожарот било врзано со ланец на нозете. Според исказот на семејството, причина за врзувањето било што детето било агресивно. Обвинителството ги презема сите дејствија за утврдување на евентуална кривична одговорност.
Според очевидци и станарите, пожарот избувнал утрово пред 8 часот по што се појавил чад и станарите од зградата на улицата „Кеј Вардар” почнале да ги напуштаат домовите.
Дежурниот пожарникар Изет Изети за МИА изјави дека непосредно по пријавата за пожар, на терен излегле со две возила и за половина час го лкализирале пожарот. Првичните сознанија се дека пожарот се појавил во една од собите на станот во кој престојувало повеќечлено семејство. Пожарникарите изнеле безживотно тело на дете и една 35 годишна жена кои набрзо се пренесени со брза помош во градската општа болница. На ургентното одделение во болницата била констатирана смрт на детето, која наверојатно настанала од задушување.
извор – 24info.mk