Втор пат во два дена опозициската ВМРО-ДПМНЕ предлага драстично зголемување на јавните расходи. Откако вчера партијата побара платите во јавниот сектор да се зголемат соодветно со растот на минималната плата, при што платите во, на пример, образованието, би се зголемиле скоро за двојно, партијата денес предложи зголемување на пензиите за 20 проценти.
Доколку не се зголемат пензиите, рече Мицевски, пензионерите ќе бидат доведени до раб на сиромаштија поради неможност да ги подмират основните животни трошоци. Секој пензионер има право да живее пристојно, со доволно средства да ги подмири основните трошоци за храна, греење, лекови итн. Со растот на минималната плата, соодветно е да растат и пензиите, со цел обезбедување на рамноправност и еднаквост на пензионерите со останатите граѓани. Цениме дека со предложеното законско решение ќе се подобри социјалната положба на корисниците на пензија во 2022 година со порастот на сите видови на пензија за 20 проценти. Преку оваа форма на усогласување ќе се зачува реалната вредност на пензиите и се заштитува стандардот на пензионерите, изјави Никола Мицевски, координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.
Мицевски додаде дека треба да се обезбеди зголемување на старосната пензија, но и на сите останати видови пензии, имајќи го предвид порастот на цените на одделни производи и електричната енергија, како и потребата од подобрување на животниот стандард на највозрасните граѓани. Тој апелираше до парламентарното мнозинство да го поддржи Предлог-законот поднесен од неговата партија исто како што заедно, рече тој, биле обединети и за зголемувањето на минималната плата.
ВМРО-ДПМНЕ го поддржа зголемувањето на минималната плата договорено од Владата на СДСМ, но не се очекува било каква поддршка од владејачките СДСМ и ДУИ за контра-предлозите на ВМРО.