Денешното рочиште на повторениот судски процес за случајот „Титаник“ почна со пресврт, откако ексминистерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, бившиот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески, поранешниот шеф на кабинет на Влада, Мартин Протуѓер, како и пет други обвинети во „Титаник“ признаа вина, некои за сите дела, некои за дел од делата.
Признавањето вина доаѓа откако денешното рочиште за случајот „Титаник“ почна од почеток бидејќи имаше промена на поротник во судечкиот совет. Јанкулоска признала вина за сите делата за кои се гони, а Протуѓер и Јанакиески не признаа само за злоупотреба на средствата за финансирање на изборната кампања. Меѓу осумтемина што признаа вина е и поранешната заменик-министер за правда Билјана Бришковска-Бошковска. Кирил Божиновским, пак, кажа дека не се чувствува виновен, и најави дека ќе го докаже тоа во текот на постапката.
Дел од нив рекоа дека ќе преземаат одговорност како морален чин, како и дека сметаат оти овој судски процес не ни требало да почне со оглед на помилувањата од поранешниот претседател Ѓорге Иванов.
Случајот „Титаник“ беше првиот предмет покренат од страна на Катица Јанева и Специјалното Јавно Обвинителство против функционери на ВМРО-ДПМНЕ. Во него, обвинетите се сомничат дека вршеле повреда на избирачкото право, поткуп при избори, уништување на изборни материјали и злоупотреба на средства за изборна кампања во 2012 година.