Со 63 гласа „за“, 35 „против“ и без воздржани, Собранието синоќа ги избра 16. заменик-министри во Владата, предложени од премиерот Димитар Ковачевски. Забележително од нивниот избор е дека продолжува трендот на сериозен етнички дисбаланс во Владата, во споредба со соодносот на населението во Македонија.
Ако во Владата, од вкупно 21 член, дури 10 се етнички Албанци, од 16 заменици министри, Албанците се убедливо мнозинство – повторно со 10. Министерството за надворешни работи, кое ги води преговорите со Бугарија за македонскиот национален идентитет, останува предводено од Бујар Османи и неговата заменичка Фатмире Исаки.
За заменик-министер за одбрана е избран Башким Хасани, за заменик-министер за внатрешни работи Назим Буши, а за правда Агим Нухиу.
Во Министерството за финансии за заменик-министер е изгласан Филип Николоски, во Министерството за економија Зоран Маневски, а во Министерството за земјоделство Абдулшуќур Абедини. За заменик на министерот за здравство е изгласан Владимир Рендевски, во Министерството за образование и наука за заменик е избран Лулзим Алиу, додека во Министерството за труд и социјална политика Енвер Хусејин.
За заменик-министер за локална самоуправа е избран Зоран Димитровски, за култура Даим Лучи, за информатичко општество Александар Бајдевски, за транспорт и врски Беким Реџепи и за животна средина Христина Оџакиевска. Во Министерството за политички систем за заменик-министер е избран Џабир Доко.
Дел од замениците министри бргу станаа познати во јавноста по нивните биографии. Даут Лучи, од партијата Алтернатива, во својата биографија напишал дека владее со компјутерските вештини „Google Chrome“, „Opera“ и „Firefox“ – кои се најобични интернет браузери. Алиу, пак, рекол дека познава неколку верзии на оперативниот систем Виндоус – Виста, 7 и 10.