Премиерот Зоран Заев, одговарајќи на пратеничко прашање поставено од Антонијо Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ, на денешната парламентарна седница откри дека институциите водат истрага околу написите за луѓе со псевдоними Коки и Кики, кои, според пишувањата на кои се повика Милошоски, се здружиле и изнудувале средства од актуелни и поранешни функционери и стопанственици.
-До мене допрел глас, за тоа се пишува по медиумите со псевдоними, се зборува во јавноста и јас се заинтересирав и истрагата ќе ги каже резултатите. Драго ми е што се води истрага по допрен глас, дај Боже да има докази за оваа работа. Не сакам однапред да обвинувам, но ако се случиле вакви работи ќе има одговорност за кој и да е. Законот важи за сите – рече Заев, одговарајќи на прашањето на Милошоски дали е запознаен дали навистина оваа група изнудила 200.000 евра од поранешен градоначалник и стопанственик?
Патем, премиерот потврди дека се точни дел од написите за одредени лица (без да ги именува кои) што од актуелна градоначалничка од СДСМ побарале да им додели локација за бесплатна градба без да платат комуналии, меѓутоа, како што истакна, таквото барање било одбиено од причина што не постоеле такви локации и за тоа одлучувал советот.