Премиерот Зоран Заев пред почетокот на лидерскиот состанок на земјите членки на НАТО го потенцира историскиот момент што Северна Македонија за првпат ќе седи на своето место како земја членка на Алијансата.
„За мене ова е историски момент затоа што дефинитивно седумдесетгодишнината на НАТО, се одржува со триесеттата членка“, рече Заев.
Пристапниот протокол е сега потпишан од сите земји членки освен Шпанија, од технички причини поради предвремените избори во оваа земја. Се очекува и Шпанија да го ратификува пристапниот протокол во наредните два месеца, но знамето на Северна Македонија веќе се вее заедно со сите други 29 земји членки на Алијансата.
„Ја постигнуваме една од двете најголеми стратешки определби на нашата земја што значи траен мир, слобода, демократија, но значи и безбедност, сигурност и веднаш потоа инвестиции и повисоки плати и повеќе надеж за младите да останат во државата“, рече Зоран Заев.
НАТО на дводневниот самит во Лондон одбележува 70 години од своето постоење. Иако овој самит требаше да биде главно церемонијален, тензиите помеѓу САД, Франција и Турција, околу односот кон Русија, буџетскиот придонес кон Алијансата, прашањето на курдските воени групи во Ирак и Сирија, и борбата против тероризмот несомнено ќе доминираат во расправи.
Изјавите на францускиот претседател Емануел Макрон дадени за британскиот неделник „Економист“ предизвикаа бура негативни реакции во источна Европа и Германија, претежно поради алузиите за приближување кон Русија, како и проценката за „мозочната смрт“ на Алијансата.
Макрон вчера се сретна со американскиот претседател Доналд Трамп. По средбата тој не ретерираше, додека пак шефот на американската држава неколку часа пред средбата порача дека изјавите на Макрон се „безобразни“. Бурни реакции дојдоа и од турскиот претседател пред неколку дена кој му препорача на Макрон да ја „провери сопствената мозочна смрт“, изјава која Трамп ја нарече „интересна“.
Макрон им забележува на Анкара и Вашингтон дека не се консултирале со другите земјите сојузнички при нападот во северот на Сирија, изразувајќи загриженост на курдските групи од Ирак и Сирија кои западот ги смета за свои сојузници, додека Ердоган оценува дека станува збор за „терористички групи“ и ја уцени Алијансата дека неговата поддршка за активностите на Алијансата во Балтикот против Русија ќе биде условена со прифаќањето од страна на западот дека Курдите се терористи.
Доналд Трамп, од своја страна, и натаму е целосно фокусиран на потребата сите земји сојузници да ги зголемат своите буџетски придонеси кон НАТО на два отсто БДП што е можно поскоро, најдоцна до 2024 година, како што беше договорено на НАТО самитот во 2014-та.
Премиерот Заев вчера на конференцијата „НАТО се ангажира“, на маргините на овој самит, се заложи за постигнување на стапката од два отсто пред 2024 година. Тој потсети дека земјата речиси ја дуплира оваа стапка за три години, од 0,9 отсто во 2017 година, таа ќе постигне 1,4 отсто во 2020 година.