Политичка каша-попара!
Нови споредби: Недоверлив – како датум, Жолт – како река, Нереализиран-како буџет! Тоа во најкратки црти би бил билансот на уште една тажна недела во Македонија.
Фармагедон на дело – помеѓу загадените води и затруената и генетски модифицирана храна, не само со хемиски, туку и со политички отрови со кои бестрамно ја контаминираат стручњаците за политички хаос, Македонија делува како длабоко болно општество, затоа што само во хаотична земја во која буквално не се знае кој пие, а кој плаќа, сè е можно!
Оваа недела, згадена со отровните политички игри со кои ја изгубивме државата, а и себе си, единственото производство кое е во пораст во овој момент во нашава „развиена“ земја е производството на афери.
Недобивањето датум во Брисел, иако сосема очекувано, е уште еден факт заради кој треба да ни се дигне косата на главите.
И во сето ова лудило кое целосно во втор план ќе ги стави маките на оваа земја – од сиромаштијата и невработеноста, преку криминално-рекетарските банди па сè до недобивањето датум – постои еден детал кој никој не може да го порекне – потреба од предвремени парламентарни избори, за да се разреши гордиевиот јазол не само на македонскиот фармагедон, туку и на сите други политички и морални отрови кои ја контаминираат оваа земја.
Не само да склопува милионски работи со партнерите во име на државата, а за сметка на семејството, Зоран Заев треба да си ја чукне главата и да се свести дека на него е и да води жестока борба против корупцијата и организираниот криминал, невработеноста, заспаноста на неговите градоначалници, испустеноста на општините, екологијата, спортот, здравството, образованието, правдата….па тек потоа да киниса за Брисел! Вака…само го троши ионака искинатиот џеб на народот.
И бидејќи дефинитивно се испостави дека тој, како и сè околу него е или потенцијален македонски кајмак, македонска каша-попара или расипана роба, крајно време е да седне и заедно со сите сите негови „стручњаци“ и разно-разни советници, на крај да го понуди своето единствено можно решение – оставка и избори!