Ставката за плати и надоместоци за Уставен суд од 25.580.000 за 2020 година скокна во предлог-буџетот за идната година на 26.580.000 денари, откако уставните судии со измена на Деловникот за работа си изгласаа додатоци на платите за висок ризик во работата и за доверливост.
Владата одвоила и 16.000 евра за Уставниот суд, да купи службен автомобил, ставка која што ја немаше во годинашниот буџет.
Уставните судии на 22 октомври сами си изгласаа додатоци во висина до 35 отсто од месечната плата, за да бидат исти како судиите и обвинителите, кога направија и преседан. Додатоците си ги вметнале во Деловникот за работа на Уставниот суд, место Парламентот да им ги изгласа со закон.
Претседателката на Антикорупциската комисија Билјана Ивановска рече дека не може со Деловникот за работа на Уставниот суд судиите да си го зголемат надоместокот на плата, но Комисијата допрва ќе заседава за оваа интерна одлука на осумтемина уставни судии од 22 октомври.
Претходно, уставните судии не дозволија во вонредната состојба платите да им се намалат, па експресно ја ставија на дневен ред таквата Владина уредба и веднаш ја поништија. Тогаш всушност уставните судии не ги спасија само своите, туку и платите на судиите, обвинителите, пратениците, директорите и други јавни функционери. Судот одлучи дека уредбата е противуставна.
Повеќе >> sdk.mk