Тодоров набројува седум причини зошто Мицкоски не може да извојува победа

Прочитај за: 2 минути

Според поранешниот висок функционер на ВМРО-ДПМНЕ, сегашниот партиски лидер не е голем работник, туку го губи времето на кафеански сплеткарења, не знае да состави тим, склон е кон теории на заговор и нема харизма…
Седум главни причини, поради кои ова раководство на ВМРО-ДПМНЕ, на чело со Христијан Мицкоски, не може да извојува изборна победа, набројува поранешниот висок функционер на партијата Никола Тодоров, во нова колумна за Дојче веле, која е посветена на состојбите во опозицискиот табор, по поразот на предвремените парламентарни избори.

„За мене, и после првиот пораз на локалните избори во 2017 година, беше јасно дека овој тим не може да извојува победа. За тоа има повеќе причини, кои се особено врзани за лидерот“,

пишува Тодоров.
Тој потоа ги наведува причините поради кои смета дека Мицкоски „ниже“ изборни порази:

Прво, не е голем работник, повеќе сака да филозофира отколку да дејствува;

Второ, го губи времето на непродуктивни сплеткарења, кафеански седенки и озборувања;

Трето, не знае да состави тим ниту, пак, да селектира и да привлече квалитетни кадри;

Четврто, нема способност да менаџира со сложени операции ниту, пак, да постави организација што ќе функционира;

Петто, склон е да верува во заговори и конспирации и често дејствува без да ги провери информациите од повеќе извори;

Шесто, има огромна суета и неприродно силна желба за моќ (власт);

Седмо, нема харизма. Не е дека нема позитивни квалитети, но и тие се сериозно засенети од фактот што лесно отстапува од дадениот збор.

„Во изминативе неколку недели сретнав неколку луѓе на кои им ветувал дека ќе бидат носители на пратенички листи, а потоа не само што не ги ставил за носители туку воопшто не ги ставил ниту на пратеничка листа. Да не зборувам за тоа на колку луѓе им ветил дека ќе ги направи пратеници со зборовите: оди купи си нов костум, те ставам на листа. Костумите си останаа нови, а измамените партиски членови, пратеници не станаа“,

забележува Тодоров во денешната колумна.
Тој посочува и дека наскоро претстојат дополнителни избори за градоначалник на Штип, откако Благоја Бочварски стана градоначалник. Претпоставка на Тодоров е дека ВМРО-ДПМНЕ ќе се обиде да ги бојкотира изборите во оваа општина, за партиското раководство да избегне уште еден пораз откако партијата ги изгуби локалните избори во 2017 година (кога Мицкоски беше генерален секретар на партијата н.з.), по што следуваше референдумот за името во 2018 година (кога дојде до расцеп во ВМРО-ДПМНЕ), а потоа опозицијата беше поразена и на претседателските избори во 2019 година, за на крајот и на годинашниве избори да освои помалку пратенички мандати од СДСМ.

Последниот изборен пораз предизвика нови превирања во ВМРО-ДПМНЕ, каде што дел од некогашните функционери бараат да се одржи вонреден конгрес за утврдување одговорност на Мицкоски и на целото партиско раководство.

Коневски до Мицкоски: Ти не си ВМРО-ДПМНЕ, биди сигурен дека ќе има вонреден конгрес

Но, иако пред изборите најавуваше дека ќе се повлече од лидерската функција ако не успее да формира влада, Мицкоски сега вели дека нема намера да поднесе оставка и со тоа, како што нагласува, да ѝ олесни на власта.

Мицкоски за иницијаторите за вонреден конгрес: Мафија, мрачни сили, печалбари во политиката и појаничарени слуги на СДСМ и Заев

Од СДСМ, пак, сметаат дека протестите што ги почна ВМРО-ДПМНЕ набрзо по изборот на новата влада се за „внатрепартиска употреба“, односно со цел Мицкоски да си ја спаси фотелјата во белиот дворец.

СДСМ: Протестите на Мицкоски се последните обиди за спас на неговата фотелја во белиот дворец

Извор: 360 степени

SHARE