КАКО НАШИТЕ СУДОВИ ГО КОРИСТАТ СТРАЗБУР
Според адвокатот Дангов, има предмети каде што фактите на случајот или образложението на домашниот суд воопшто не може да се доведат во корелација со судската пракса на ЕСЧП на која судот се повикува.
„Според наше мислење, подобро е домашните одлуки воопшто да не содржат судска пракса на ЕСЧП, отколку да имаат судски пресуди од ЕСЧП што се погрешно цитирани бидејќи во тој случај домашната одлука е нејасна и контрадикторна, а сево ова е на штета на странките во постапката“.
Уште повеќе, Дангов лоцира дека во некои предмети судиите сметаат дека можат да се повикуваат само на конечни одлуки што се однесуваат на РСМ.
„Некои судии оценуваат дека одлуките на ЕСЧП донесени по апликации против други држави-членки на Советот на Европа не може да се применат во домашниот случај. Според наше мислење, ваквиот приод е резултат на погрешна примена на член 4 од Законот за судови, но и погрешното опсервирање на местото на меѓународната судска пракса во националното правораздавање“.
Адвокатот Медарски е на став дека домашните судови сѐ повеќе се обидуваат да ги земат предвид одлуките на ЕСЧП и дека во овој дел има значително подобрување. Но, и кај него има едно сепак…
„Сепак, мислам дека начинот на кој се цитираат одделни одлуки на ЕСЧП во домашните пресуди често не е исправен. Поради тоа, нашите судови треба при одлучувањето во предвид генерално треба да ги имаат ставовите и принципите од судската пракса на ЕСЧП, а не да се фокусираат на одделни пресуди“ појаснува Медарски.
Адвокатот Трајче Арсов, пак, забележува на екстензивното толкување на заклучоците на пресудите од ЕСЧП без да се навлезе во нивната суштина. Како пример ја зема пресудата „Макрадули против Македонија“, во која е утврдена повреда на слободата на изразување во услови кога како опозициски пратеник изнел јавно тврдење против тогашниот директор на УБК, Сашо Мијалков, за што беше осуден за клевета со кривична пресуда на глоба и да надомести штета на Мијалков.
„Во услови кога клеветата и навредата е декриминализирана, не може под исти околности да се третираат денешните случаи. Според сегашното екстензивно толкување на судовите, клеветата изречена од опозициски политичар против власта се смета за легитимен чин, како субјективен суд, а тоа ќе предизвика лавина од напади и обвинувања на сметка на власта за кои никој нема да чувствува потреба да ги провери, со други зборови ќе се мултиплицираат лажните вести, кои секако одат во прилог на секоја опозиција“, ја посочува другата крајност од ваквото третирање на стразбуршката пракса, адвокатот Арсов.
Во секој случај, за „Големото уво“ на новинарите државата им исплати вкупно 4.845.782 денари, плус според пресудата на европскиот суд уште 31.450 евра. За црниот понеделник за шесте новинари се исплатени 30.000 евра. Во обата случаи, никој во државата не поднесе одговорност. Па да, народот ќе плати. И не се новинарите „неблагодарни“ што ја тужат државата, туку проблем се благодарните судии кон моќниците што ги „назначиле“ за судии, како и аздисаните политичари кои сметаат дека само небото е лимит за нивните глупости. Европската конвенција и Европскиот суд за човекови права постојат поради таквите неранимајковци!
Патем, ако забележавте во неколку од горенаведените предмети во Стразбур главно е инволвиран Сашо Мијалков. Плус, нели, баџанакот му е – сѐ уште (?!) – наш судија таму. Можеби ќе треба посебен судски совет да се направи само за неговите дела!
Повеќе во неделникот Фокус
Автор: Јадранка Костова