Два дена изгледаше како да е тоа средба на Џо Бајден со Владимир Путин. Во некоја рака беше разбирлив интересот поради неочекуваната сличност во изјавите на шефот на државата и лидерот на опозицијата околу судскиот процес и пресудите за 27 април.
И во тоа немаше ништо што не е журналистички, или политички. Но со претворањето во спектакл на средбата на Стево Пендаровски и Христијан Мицкоски се отиде неколку чекори подалеку – како од овој разговор да зависи иднината на Македонија. Резултатот е сурова политика: Пендаровски драстично ги амортизира претходните контроверзни ставови изнесени во едно интервју, во кои дури си дозволи да ја оценува висината на затворските пресуди, а Мицкоски (преку „државнички“ потег, како што го славеа неговите портпароли) да најде некаков елегантен чекор да се обиде да ги избрише своите изјави дека шефот на државата бил „слуга“ на „стопанот“ Заев и да го одмрзне она што беше замрзнато.
На крајот, оваа врева им помогна најмногу на нив двајца. Тоа е македонската политика. Ќе се повлечеш кога ќе стане неподносливо.
Еден друг „спектакл“ беше поважен овие неколку денови. Оној што го приреди европскиот комесар за проширување, Оливер Вархеји. И неговите изјави дека е можно Албанија да добие дозвола, а Македонија уште една блокада на патот кон ЕУ. Одамна е јасно дека Унгарецот Вархеји е далеку од калибарот на неговиот претходник Јоханес Хан, а ниту на Оли Рен, па и Штефан Филе.
Оние што паметат подолго (без да гледаат во интернет архивите) не ќе можат да се сетат на изјави на неговите претходници кои ја демотивираат европската агенда на Македонија. Па дури и во ситуации кога требаше да го кажат познатиот став дека без договор за името со Грција е комплицирано да се оди напред. Тие тоа го правеа на умешен начин да не се повреди домаќинот.
Повеќе >> www.dw.com/mk