Дали конечно Македонија ќе добие зелено светло за опочнување на преговорите со Европската Унија? Премиерот Заев во понеделник патува за Брисел за да се сретне со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен. На средбата се очекува да се разговара и за последните изјави на еврокомесарот за проширување, Оливер Вахеји, кој рече дека е можно одвојување на процесите за Македонија и Албанија за пристапување кон ЕУ.
Но, министерот за надворешни работи Бујар Османи верува дека Македонија и Албанија нема да бидат раздвоени на патот кон ЕУ и дека ова е погрешна дебата која се прави во јавноста.
„Прво, мислам дека погрешна е дебатата што се насочува во јавноста. Ова не е прашање дали Албанија ќе ги почне преговорите или не, тоа е прашање на Албанија. Ние го поставуваме прашањето дали ние треба да ги почнеме преговорите“, вели Османи.
На прашање дали ќе биде потешко на земјата да почне со преговорите доколку се извдои Османи вели:
„Тоа не е поврзано со Албанија. Дали ние долго ќе останеме во тој процес ќе зависи од тоа дали сите земји членки ќе дадат поддршка на почетокот на преговорите дали Бугарија ќе го тргне ветото независно дали Албанија ќе ги почне или нема да ги почне. Ова исклучиво зависи од тоа дали Бугарија ќе даде согласност на преговарачката рамка и на оддржување на првата меѓувладина конференција, без да има било каква корелација со тоа кој е патот на Албанија“.
Османи додаде дека проблемот со Бугарија може да се надмине и со техничката влада на Бугарија со меѓувладината конференција во јуни и да се почнат преговори.
„Техничка одлука за техничка влада мене ми е многу соодветно затоа сметам дека не треба да се откажеме од можноста да се одржи таа меѓувладина конференција во јуни, и да почнеме разговори со техничката влада за да се најде техничко решение за да се почне овој технички процес на започнување на преговори за кој што веќе има политичка одлука и со поддршка на Бугарија во март минатата година“, рече Османи.
Инаку деталите и темите на разговор за средбата со претседателката на Европската комисија фон дер Лајен и премиерот Заев, владата ќе ги соопшти утре.
Повеќе >> mk.tv21.tv