Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски пријатно ги изненади вработените во пресрет на Новата година. Со неговиот гест, стана и првиот министер, кој за разлика од неговите претходници, директно преку системот „Лотус“ им ги честиташе празниците. Пораката која тој ја испрати преку системот за менаџирање на човечки ресурси, практично, стигнува до сите полициски службеници и вработени. Системот најчесто се користи за издавање наредби, праќање на телеграмите од министерот, па затоа честитката е нешто што никој не го очекувал.
„Новогодишните празници се моменти за споделување на најубавите мигови од годината што изминува, иако за волја на вистината, зад нас е една навистина тешка година, полна со предизвици кои требаше да одговориме брзо, ефикасно, одговорно. Да овозможиме максимална заштита на безбедноста на граѓаните, со минимум последици од пандемијата“, пишува во првиот дел од честитката.
Тој им посочува на сите дека треба да се гордеат со постигнатите резултати, бидејќи секој од нив дал свој придонес во реализацијата на целите, задачите и обврските.
„Оттука, можам да порачам дека беше задоволство да се соработува со вас овие четири месеци, кога заеднички одново покажавме дека можеме, знаеме и умееме да испорачаме врвни резултати во полза на граѓаните, на државата. Дозволете ми да ви ја честитам Новата 2021 година и да ви посакам на вас и вашите семејства да сте здрави, живи, среќни и успешни!“, се додава во честитката испратена преку интерниот систем на МВР.
Повеќе >> skopje1.mk