СДСМ да си оди, ВМРО да не се врати

Прочитај за: 3 минути

Наместо в затвор, Мијалков е средно богат бизнисмен, наместо во Идризово на петнаесет години, Крсто го одлежал своето, а никој не виде каде тоа лежел и наместо во адвокати (бидејки сето ѓубре го собираме), судиите кримоси и партиски потрчковци сѐ уште се во тоги!

Јанаки МИТРОВСКИ

Бидна и тоа чудо, парламентот се распушти. Формално наречен парламент, бидејки таа зграда и пратениците во неа одамна не ги извршуваат функциите што им се дадени според Уставот, а кои и малите деца ги знаат – да бидат контролор, а не слуги на извршната власт. За жал, кај нас пратениците се сведени на проста бројка и стискачи на зелени копчиња. Како поинаку да го сфатиме Влатко Ѓорчев, кој во 2016 гласа да се дозволи медицински канабис и извоз на масло, а во 2019 од опозиција, тврди дека тоа е опасен закон!

Секоја власт по дефиниција е „лоша“ и авторитативна, затоа е власт. Но, оваа мала државичка не дишела ни пет минути воздух без да не демнат неспособни и дебело корумпирани политички свити. Главно, нереализирани луѓе умислени дека вредат повеќе од вас бидејќи ги бива за бакнување задници. Земете ги за пример двете најголеми партии – ајде да речеме претседателите се реализирани, Заев бил бизнисмен, Мицкоски професор, но прочепкајте малку од високите раководства и нема ниту на една рака да изброите способни и успешни луѓе, кои не должат СÈ на партијата!

СИРОМАШНА ПОНУДА

На изборите што претстојат ќе имаме сиромашна и стерилна понуда. Секако дека ќе излезат 600.000 + партијаши, но не очекувам излезност повисока од 55 отсто. Едноставно понудата е иста и полоша од минатите избори, без суштински промени. ДПМНЕ, иако навестуваше нов статут во насока на демократизација на партијата, тоа не се случи или барем не сѐ уште. И невообичаено, сѐ уште немаат програма, иако во минатото беа мошне ревносни со надградби и доградби на стоте чекори.

СДСМ, од друга страна, испушти златна шанса да ги прати ДПМНЕ во опозиција на подолг период, но не е и неочекувано. Денес можеме да говориме за одредени работи што се попозитивни од пред три години, делумно слободата на медиумите (иако суптилен поткуп и делба на медиумите на ваши и наши продолжи), но извлекувањето државни пари преку разно-разни фондови, подобни адвокати и нотари си тече без престан, а пратениците штанцаат патни трошоци, иако живеат во Скопје.

Она што ќе откине најголем дел од гласачкото тело на СДСМ (од изборите 2016-та) е отсуството на пенализација на хохштаплерите од претходната власт благодарение на кое ветување СДСМ и дојде на власт. Наместо в затвор, Мијалков е средно богат бизнисмен, наместо во Идризово на петнаесет години, Крсто го одлежал своето, а никој не виде каде тоа лежел и наместо во адвокати (бидејки сето ѓубре го собираме), судиите кримоси и партиски потрчковци сѐ уште се во тоги!

НИКОЈ НЕ ОДГОВАРА ЗА НИШТО

Токму тоа и се бараше од оваа власт – минимум правда. На наместени тендери и партизација помалку или повеќе сме свикнале и отрпнале. Но, по децениското силување од груевизмот (за чие бегство сѐ уште НИКОЈ не одговараше), имаше консензус кај народот дека овојпат затвор ќе има. СЈО почна фуриозно, со максимална поддршка и медиумска покриеност, а како заврши, знаеме сите.

Потоа настапија рекетите, купувањето пратеници за мнозинство и нивно амнестирање по принципот тази врата не е врата, и иако резултатите ќе бидат тесни, предвидувам дека ова ќе биде каменот на кој ќе се сопне оваа власт! Но, генерален проблем е недостигот од алтернативи и фактот да постојано се вртиме во круг. И самиот Пендаровски од Собраниска говорница беше искрен – ниту еден висок функционер за триесет години не лежел затвор.

Токму затоа, симболично се одлучив за овој наслов, mutatis mutandis со насловот на покојниот Никола Младенов во предизборието 2002-та година. Жално, и во 2020 ја пееме истата песна!

SHARE