Пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ Даниела Рангелова, во дебата за „360 Степени“ зборуваше за односот со раководството на партијата и кои биле пресвртните моменти кога решила да се оддалечи.
„Мислам дека како карактер, што можеби е хендикеп за мене, секогаш сум предизвикувала некакво внимание и затоа многу сум страдала во политиката, заради тоа што многу зборувам. Можеби подобро во кариерата се движите ако молчите и викате – браво, така е. Согласно мојот карактер се однесувам така како што чувствувам. Јас имав опција да продолжам со мојата кариера, имав опција да го глорифицирам работењето на ова раководство, да останам со нив и сега пак да бидам пратеник. За мене завршувањето на пратеничката кариера не е и згаснување во политичкиот живот или лебедова песна, напротив, можеби начин да се движите поинаку во политиката. Имам една девиза во животот – никогаш да не побегнете од сам себе и тоа ме води цел живот. Чувствувам потреба дека во моментов треба да им кажам на граѓаните што чувствуваат, без разлика дали ќе бидам пратеник или не и спрема членовите и спрема неопределените граѓани ќе продолжам вака да се однесувам. Имаше два клучни моменти коишто ми беа сигнал дека морам да се одвојам од нешто што не согласувам. Првиот беше 27 април, кога се чувствував многу лошо и кога сфатив – до тука е. А второто беше гласањето на Преспанскиот договор, кога видов во очите на моите колеги голема нечовечност. И тогаш сфатив дека не треба да газиш по живи лешеви за да успееш во политиката. И затоа и така се однесувам. Во моментов ако не се согласувам, гласно ќе зборувам“, рече Рангелова.
Запрашана дали сепак ќе учествува на изборите во некоја друга формација, таа рече дека нема таква намера.
„Сакам да поттикнам повеќе демократија кај граѓаните. Немам идеја да се приклучувам на листата на ВМРО-ДПМНЕ по секоја цена за разлика од некои мои колеги коишто не би сакала да ги именувам, не би било чесно, исто не се согласуваа со политиките на актуелното раководство, како се наближуваат изборите, несогласувањата се намалуваат, се минимизираат, со една цел, да си обезбедат место на престојните избори. Тоа е нефер спрема граѓаните“, рече Рангелова.