Директорката на Управата за јавни приходи, Сања Лукаревска, најверојатно ќе зазеде висока позиција во новото раководство на СДСМ, што треба да се екипира после неделниот партиски конгрес, пишува неделникот Фокус.
Според високи партиски извори на медиумот, Лукаревска е една од најсериозните кандидати за една од трите потпретседателски позиции, за кои уште фаворити се и министрите за внатрешни работи и за здравство – Оливер Спасовски и Венко Филипче.
„Мојот ангажман во СДСМ никогаш не сум го врзувала со конкретна партиска должност, туку со идеолошка припадност, принципи, вредности и програмски определби – вели Лукаревска, додавајќи дека по првите непосредни внатрепартиски избори Заев има целосен легитимитет да избере и предложи кој каква партиска должност ќе врши во следниот мандатен период”, изјавила Лукаревска за Фокус.
СДСМ на Конгресот кој е закажан за недела, 16 мај, ќе ги избере своите раководни органи.
Она што е извесно е дека долгогодишната заменичка Радмила Шекеринска со сигурност нема да се кандидира за втората по важност функција во СДСМ, бидејќи, како што и самата изјави во јавноста, ред е да им се даде простор на младите кадри.
Во недела ќе биде многу појасно и дали и колку потпретседатели ќе има партијата, со оглед што сега такви функции имаат четворица социјалдемократи, Оливер Спасовски, Мухамед Зекири, Мила Царовска и Коста Петров.
Повеќе >> fokus.mk