Од пред новогодишната елка и канцелариската библиотека, државниот обвинител Љубомир Јовевски оцени дека како и за сите така и за обвинителството годината била тешка, а потврди дека има 5 дисциплински постапки за обвинител, додека обвинител во Скопје си дал оставка откако е откриено дека криел предмети во фиока.
Бегалецот-обвинител нема да одговара кривично, а ја „киднал“ од кружната зграда кога е отворена постапка за несоодветно постапување.
Во прочистувањето на правосудството, обвинителството влегува со нов адекватен правилник за одговорност за обвинителите. Се што е во рамките на законот е прифатливо, е краткиот коментар на Јовевски за уште една судско-реформска офанзива на овој владин состав откако претходните не дадоа резултати.
Со новиот правилник ќе се врши индивидуално оценување на квалитетот и квантитетот на обвинителската работа, дали имаат доволно предмети и дали постапуваат законски и неселективно.
Посебен осврт државниот обвинител направи за предметите на СЈО, уште еднаш потврди дека вештачењето за обемниот случај Империја е во тек, а предметите по преземањето ги водат истите обвинители, но сега без бомбите како докази туку само како индиции.
За повлечените предмети и затворените истраги на СЈО меѓу кои најзвучен по составот осомничени беше Попис со Али Ахмети и Никола Груевски, или бришењето на Бујар Османи од истрага за набавки во здравство, обвинителот тврди дека одлуките се донесени врз основа на докази, а не поради високите функции.
Повеќе >> telma.com.mk