Реформите кои се подготвуваат во основно образование не значат укинување на ниту една научна дисциплина. Напротив, со нив се подобрува концептот на кој учениците ќе ги изучуваат сите предмети. Новото основно образование на ученикот ќе му даде целосна слика за одреден настан или тема, што се постигнува со интердисциплинарен и интегриран пристап, односно поврзување на информациите од повеќе предмети. Ваквиот пристап им овозможува на учениците полесно да ги поврзат наставните содржини со реалноста и да ја согледаат смислата на она што го учат.
Ова е соопштението што денеска стгна од Министерството за образование и наука, по бурните реакции откако се најави укинување на предметот историја.
„Министерството за образование и наука ги основа овие реформи врз современи концепти и приоди, а со цел учениците да се стекнат со знаења од сите области – историја, географија или содржини од друга научна дисциплина. Но, тоа ќе биде на начин прилагоден на нивната возраст, начин кој ги руши строгите граници меѓу дисциплините и го претставува светот, процесите и појавите во нивната поврзаност и единство. Ваквите наставни планови успешно функционираат во речиси сите земји во Европа, Америка, Австралија, односно во наставниот план на ИБ програмата.
Во овој момент, пред јавната расправа се зборува и презентира Концепт. Конкретните наставни програми во кои ќе бидат поставени очекуваните резултатите од учењето, а врз основа на нив и содржините што учениците треба да ги совладаат од одделните научни дисциплини (историја, географија, граѓанско образование) ќе бидат дефинирани понатаму. Во овој процес, при изработката на наставните програми, ќе бидат вклучени универзитетски професори и наставници од соодветните области.
Инфо >> Фактор