„Не им верувајте на Данајците и кога дарови носат“. Вака, професорката Мирјана Најчевска ги коментира најавените 300.000 евра бугарска помош за Македонија. Медиумите во најсиромашната европска земја Бугарија објавија дека Министерството за надворешни работи, кое го предводи Екатерина Захариева, преку одредена програма, на нашата држава ќе и подари 579.789 лева.
Неповратната помош ќе им биде дадена на невладини организации за седум проекти од областа на здравството, развојот на младите и секторот на граѓанско општество. Ваквиот чекор Бугарија го прави во време кога бугарскиот државен врв, политичарите и дел од историчарите и академиците не бираат ниту зборови ниту начин за да докажат дека Македонците имаат бугарски корени, јазикот ни е бугарски, а историјата ни е заедничка.
За тоа дали ваквиот подарок е лицемерие бидејќи доаѓа во време кога земјата на чие чело стојат Борисов, Радев, Захариева и Каракачанов ја блокират европската иднина на Македонија ја прашавме професорката Мирјана Најчевска.
Најчевска за „Слободен печат“ вели дека парите се наменети за манипулација и треба да бидат одбиени.
– Парите се или злонамерни и наменети на овој или оној начин за менување на јавното мислење во Република Македонија, или, пак, претставуваат некој вид на обид да се ублажи говорот на омраза кој што се разви во Бугарија против Македонија или, пак, со цел да се потврди тезата на Бугарија, дека ние сме еден надор во две држави и дека тие на тој начин продолжуваат така да не третираат. Меѓутоа јас овдека би ја применила флоскулата на „Данајците не им верувај ниту дарови кога носат“. Јас лично мислам дека треба да се одбијат парите, бидејќи очигледно е дека ова е обид за поткупување или на манипулација. Нам не ни треба некој да ни фрла коски или трошки туку потребна ни е отворена врата за системски промени и влез во ЕУ. Тоа не се прави на ваквов начин, вели Најчевска.
Повеќе >> Слободен Печат