Мизрахи: Моите рамења се спремни да бидат потпора за оние кои ќе се уморат

Прочитај за: 2 минути

Разрешената техничка министерка за труд, Рашела Мизрахи, очигледно не планира да застане со активниот политички живот. Таа до сега не беше вклучена во највисоките партиски органи и не ја гледавме во партиските делегации кои ги посетуваат комитетите низ државата.

Најчесто во присуство на Претседателот Мицкоски, или генералниот секретар Јанушев, ја гледавме Иванка Додовска.

Но се чини, Рашела со своето однесување како техничка министерка за труд, успеа да ги придобие симпатиите кај партиското раководство, па сега ја превзема главната ,,женска” улога во партијата.

Мизрахи вчера објави статус со кој ги изнесе своите впечатоци од посетата на партискиот комитет во Гази Баба:

,,Со многу емоција, заедно со народот подготвена сум да ја понесам тежината на борбата. Моите рамења се спремни да бидат потпора за оние кои ќе се уморат.

Само заедно можеме да си помогнеме, сплотени, единствени, пожртвувани, како што мајка го брани своето чедо, така и ние мораме и можеме, да ја извршиме нашата света должност.

Жарот кој го видов вечерва во очите на присутните во ОК Гази Баба, енергијата којашто провеа е само причина повеќе да бидам уверена во победата што претстои.” – напиша Мизрахи на својот профил на социјалните мрежи и сподели фотографии од средбата.

Инаку во јавноста се поделени мислењата околу тоа дали Мизрахи носи позитивни или негативни поени за опозицијата. Некои нејзиното однесување го оценуваат како патриотско, додека други сметаат дека е тоа чист популизам кој го оддалечува ВМРО од неопределените гласачи и го заковува во рамките на десницата, чии гласови не се доволни за победа на избори.

Околу амбициите на Мизрахи, односно, околу плановите со нејзе како кадар, новинарот Васко Ефтов во својата последна емисија, прогнозира дека Мизрахи би можела да дотурка дури и до лидер на партијата.

Тој таквите свои проценки ги те,ели на според него длабоката поврзаност на Рашела со поранешниот премиер и лидер на оваа партија Никола Груевски, за кој се смета дека од сенка раководи со партијата.

Сепак, проценките на аналитичарите се дека Мизрахи е далеку од капацитетот на актуелниот лидер Христијан Мицкоски, кој во моментов е неприкосновен лидер на опозицијата.

Шпекулациите за негова смена по изборите се темелат на фактот што Мицкоски во многу наврати има изјавено дека не само доколку не победи на следните избори, туку и доколку не успее да формира влада, ќе се повлече од лидерското место во партијата.

SHARE