Спасовски: Ова ќе биде највалканата изборна кампања во историјата на земјата

Прочитај за: < 1 минута

Тој смета дека евентуална одлука за почеток на преговорите со ЕУ ќе ги охрабри оние што почнале да ја губат вербата во европската перспектива и би го дестимулирала евентуалното нивно свртување кон претходниот режим

Премиерот Оливер Спасовски очекува претстојната изборна кампања да биде една од највалканите во историјата на земјата, со лажни вести и медиумска пропаганда, но смета дека земјата има капацитет да спроведе слободни, фер и легитимни избори.

Спасовски во интервју за „ЕУ опсервер“ не одговара директно дали очекува руско мешање во кампањата и исходот од изборите, туку посочува генерално дека сите земји во Европа и во регионот се соочија со хибридни закани во процесот на нивното пристапување во НАТО и ЕУ.

И за претстојните избори вели дека ќе бидат соочување меѓу проевропските и националистичките сили во земјата.

„Имаме два спротивставени концепта – првиот нуди интеграција во ЕУ и НАТО просперитет, слобода, транспарентност, демократија,… наспроти концептот кој е против сето ова што го набројав, а е поддржан од сегашната опозиција“,

вели Спасовски.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ, според него, не направила ништо за промена од времето  на груевизмот и тој концепт сè уште е длабоко вкоренет во партиските активности.

Поради тоа, смета дека евентуална одлука за почеток на преговорите со ЕУ ќе ги охрабри оние што почнале да ја губат вербата во европската перспектива и би го дестимулирала евентуалното нивно свртување кон претходниот режим.

„Недонесувањето правилни одлуки во вистинско време само го стимулира груевизмот и таквиот концепт на размислување меѓу луѓето бидејќи тие ја губат вербата во европската перспектива“,

вели Спасовски во интервјуто за „ЕУ опсервер“.

SHARE