На овој голем ден и денешен празник за владата на Заев, дојдовме да кажеме дека навистина „блескаме“. „Блескаме“ со тоа што буџетот е полн, секој граѓанин ќе добие по 500 евра минимум од државата, а ако Вице пушти срце, можеби и повеќе, истакна Валентин Манасиевски од ВМРО ДПМНЕ.
Блеска и жицата на Зоран на која во Грција свират песни во кои ја слават неговата мудрост и непопусливост, а во Бугарија ги слават блескавите подароци. Блескаво го славиме и влезот во ЕУ, само датумот ни фали, а откако ќе се дознае, спремни сме за ново селфи. Човекот име смени, евро да земи.
Оваа година е посебно блескава – народот ги зема ваучерите за инвертер клими, здравството е бесплатно за сите особено во новиот клинички центар, а посебни честитки доаѓаат за инвестициите на Фејсбук и Гугл, за кои мораме дури и да увезуваме работници бидејќи не остана невработено лице во Македонија.
Секој ден го славиме животот за сите, а кога ќе заборавиме на тоа тука се прес-конференциите да не потсетат како добро се живее тука. Нема сомнежи за криминален профит со тендери дури и во време на пандемија, трас-трас судството блеска според насоките на големиот лидер, а како што гледаме и 600-те илјади иселени се вратија дома бидејќи живот како во Македонија нема на друго место.
Блескави се магичните трикови на Зоран Заев и неговите врвни економисти, кои успеваат за само две недели ликвидниот буџет да го претворат во една огромна црна дупка. Нивното визионерство се уште не е препознаено од никого во светот, па другите влади погрешно даваат огромна помош на своите граѓани во овие моменти. Но, ќе дојде еден ден кога сите ќе клекнат пред блескавиот Заев и ќе му се поклонат, како што таков голем лидер заслужува. Но за среќа секогаш Заев е во чекор за Луј Витон декор, истакна Валентин Манасиевски од ВМРО ДПМНЕ.