Во дебито на Данило Брестовац како селектор, Македонија во рамките на третото коло од квалификациите за пласман на Европското првенство во Австрија, Норвешка и Шведска, со гол во самиот финиш го совлада Исланд со 33-34.
Со денешната победа Македонија ја прекина лошата традиција против „рибарите“ и го запиша првиот триумф на гостински терен, а четврти во меѓусебните натпревари.
Почетокот на натпреварот наговестуваше цврст ракомет, а првиот гол го постигнаа домаќините по повеќе од три минути игра. Македонија до првиот гол чекаше шест минути, а него го постигна Дејан Манасков од седум метри (2-1). Следеше период на натпреварот, во кој Исланд благодарение на Палмарсон ја оддржуваше позитивата од 1-2 гола, а по голот на Магнусон по девет минути игра Исланд стигна до највисоки +3 (5-2).
Во продолжение на првиот дел, како одминуваа минутите, „рибарите“ резултатски се одлепуваа, а нашите ракометари се обидуваа да фатат резултатски приклучок. Во нападот од далечина погодуваа Кузмановски и Лазаров и Македонија успеа да ја спушти разликата на -2 (10-8). Следеа два брзи гола Гоце Георгиевски за 12-12 во 23. минута, а нашето крило со нов гол од контра го донесе и нашето прво водство (12-13). До крајот на првите 30 минути се играше гол за гол, па на одмор се замина со 17-17, по голот на Лазаров со звукот на сирената.
Вториот дел започна израмнето, двете репрезентации постигнуваа брзи голови, а по исклучувањето на Стоилов, Исланд во 37. минута поведе со 22-20. Но, избраниците на Брестовац повторно одиграа цврсто во одбрана и со серија од 0-4, по двата гола на Манасков во 46. минута поведоа со 24-26.
Следеа два напади, во кои нашите ракометари грешеа, тоа „рибарите“ го искористија и на 11 минути до крајот израмнија на 27-27, а во 55. минута беше 31-31. По тајм-аутот на Брестовац, Кузмановски промаши чист удар, а Исланд по голот на Палмарсон поведе со 32-31. Во финишот по голот на Талевски, Македонија израмни на 33-33, имаше напад и за победа, но судиите престрого досудија пробивање, кое Исланд не го искористија и направија прекршок, кој значеше и пенал за Македонија. Дејан Манасков со гол во последните секунди донесе голема победа од 33-34, откако претходно промаши пенал, но одбиената топка ја смести во мрежата на „рибарите“.
Прв стрелец во репрезентацијата на Македонија беше Гоце Георгиевски со седум гола, а на спротивната страна прв стрелец беше Арон Палмарсон со 11 гола.
Веќе в недела, во рамките на четвртото коло од квалификациите за пласман на ЕП, Македонија во „Борис Трајковски“ ќе го пречека Исланд.
Извор: [www.gol.mk]