Меѓународна истрага и преземање на предметот за Диво Насеље од СЈО беа дел од ветувањата на власта за тоа кој стои зад дводневната престрелка. Речиси две години по донесувањето на пресудата, овие најави не се исполнети.
Зошто група вооружени напаѓачи се пресметуваше два дена со македонската полиција, при што загинаа осум полицајци и 14 напаѓачи, е клучното прашање кое и по 4 години од крвавата пресметка во Диво Насеље нема одговор од институциите. Судската разврска затаи, се уште е во тек жалбена постапка по пресудата за 33 луѓе за тероризам иако пресудата е донесена во ноември 2017 година. Се чека одговор на Апелациониот суд по жалбата на одбраната на осудените.
СДСМ и пред да дојде на власт, а и потоа, тврдеше дека за да одговори на клучните прашања ќе бара меѓународна истрага и дека вистината може да се најде и во бомбите. За тоа Специјалното јавно обвинителство отвори предистражна постапка, откако од јавното обвинителство го побара предметот за да може да воспостави надлежност врз него. Но, ваквите ветувања сè уште не се исполнети.
Одбраната во судот тврдеше дека имаат сознанија дека во УБК има прислушуван разговор меѓу сега убиениот Мирсад Ндрецај познат како командант НАТО и лидерот на ДУИ Али Ахмети како и дека имало разговори од другите обвинети кои контактирале со високи политичари и полициски структури.
Одбраната бараше од судот во судница како сведоци да бидат повикани Никола Груевски, Гордана Јанкуловска, Сашо Мијалков, Али Ахмети и Артан Груби.
Специјалната обвинителка Катица Јанева пак, вчера изјави дека за сега во предистражната постапка имаат само индиции за тоа што и како се случувало тие два дена, но беше децидна дека во бомбите немаат докази за тој предмет.
„Има некои индиции во делот за тоа што и како се случувало во кумановските настани но се уште СЈО нема најдено разговори според кои ќе може да воспостави надлежност врз тој предмет има некои индиции се работи предистрагата, но тоа многу тешко ќе биде да се каже, дали и кога ќе биде, и дали воопшто ќе биде преземен тој предмет“, рече Јанева.
Адвокатот на дел од обвинетите Асмир Алиспахиќ вели дека не го разбира ставот на Јанева, затоа што одбраната и натаму тврди дека постојат прислушувани разговори
„ Ние се уште тврдиме дека постојат такви разговори, но знаете надлежноста на СЈО за отворање на предистражните постапки заклучно со датумот што е предвиден 2015 година се поведува по еден евентуален незаконито прислушуван разговор. Во оваа ситуација и самата отворена предистражна постапка укажува дека има телефонски разговори кои се нелегално прислушувани, но зошто и од кои причини не се отвора истрага, а тоа би значело и преземање на овој прдмет од СЈО останува да покаже времето, вели Алиспахиќ.
Повеќе на: www.slobodnaevropa.mk