Повеќето докази, имиња на жртви, сведоци и клучни факти во обвинението против командантите на ОВК во Хаг сè уште се „заклучени“, но врз основа на она што може да се прочита во документот објавен вчера на веб-страницата на Специјалниот суд, јасно се гледа суштината и обемот на злосторствата за кои се обвинети Хашим Тачи, Кадри Весели, Јакуп Красниќи и Реџеп Селими.
Сите локации на Косово се наведени индивидуално, како и две во северна Албанија, каде припадниците на ОВК брутално ги мачеле киднапираните и заробени Срби, „нелојалните“ Албанци, католици и други што ги сметале за противници на ОВК.
Според обвинителството, обвинетите се товарат за извршени систематски и големи злосторства помеѓу март 1998 и септември 1999 година, во кои беа убиени стотици невини цивили. Конкретно и поединечно се опишуваат злосторствата во илегалните затвори на ОВК во Ликовац, Јабланица, Лапушник, Волујко, Дреновац, Малишево, Бајгора, Лапаштица, Злаш, Приштина, Клечка, како и Цахан и Кукс во Албанија.
Апсења, притвори, сурово постапување и тортура и убиства честопати се вршеле врз основа на списоци на осомничени соработници или на друг начин сомнителни лица, кои редовно вклучувале лица од српска, ромска или ашкалска националност или лица за кои се смета дека имаат лични или професионални врски со српските власти или институции, се вели во обвинението.
Во обвинението се наведени одредени датуми, места и специфични случаи на сторени кривични дела.
Се наведува дека такви злосторства се случиле против најмалку 392 лица, од април 1998 година до август 1999 година.
Повеќе >> Во Центар