Франција сака да поднесе предлог за нова методологија во пристапните преговори за членство во ЕУ идната недела на министерскиот состанок во Луксембург, со што би можело по трет пат да се одложи одлуката за отворање преговори за Албанија и Северна Македонија, јавува МИА.
Иако не станува за официјална позиција за сега, Париз одамна смета дека преговарачкиот процес за членство каков што е сега не е доволно успешен, меѓу другото поради тоа што во земјите кои веќе преговараат се забележува реформски застој или назадување, објаснуваат дипломатски извори во Брисел за МИА.
Амбасадорите на земјите членки на ЕУ најдоцна утре повторно ќе се состанат да разговараат за ова, но и за францускиот предлог по трет пат да се одложи одлуката за почеток на преговори со Северна Македонија и Албанија, за март 2020-та.
Париз предлага да се внесе во заклучоците реченица слична на досегашните со која се залага да се „наврати на прашањето“ во март, а претходно ќе побара Европската Комисија да изготви извештај и покрај тоа што редовните извештаи за напредокот на земјите од регионот се предвидени во април 2020-та.
Некои земји членки на ЕУ немаат против ревидирање на преговарачкиот процес за проширувањето меѓутоа сметаат дека тоа не би смеело да доведе до уште едно одлагање на одлуката.
Во Брисел денеска интензивно се шпекулира и дека францускиот претседател, Емануел Макрон, би можел да биде многу потврд против одлуката за отворање преговори поради тоа што неговата кандидатка за комесар, Силви Гулар, беше отфрлена од страна на Европскиот Парламент.
Едно од решенијата за да се придобие Франција е да се прифати одвојување на Албанија и Северна Македонија, затоа што од француска страна станува сѐ појасно дека шансите за зелено светло за Тирана се речиси непостоечки. Од друга страна Италија инсистира да се одобрат преговори за двете земји во пакет, и се очекува силна конфронтација помеѓу Рим и земји како Холандија на оваа тема.