Претседателот на Собранието Талат Џафери денеска обраќајќи им се на граѓаните по вчерашното распуштање на Парламентот и распишување на предвремените парламентарни избори на 12 април апелираше до сите учесници во изборниот процес да бидат, како што рече, на висина на задачата.
-По изгласувањето на одлуката за распуштање на Собранието на 137-мата седница, синоќа, врз основа на мојата уставна надлежност го потпишав Решението за распишување на предвремените парламентарни избори, и истото го доставив до Државната изборна комисија, Министерството за надворешни работи и Министерството за правда. Со оглед на тоа дека предвремените избори за пратеници се спроведуваат во согласност со одредбите на овој законик, а сите рокови за изборните дејствија се скратуваат за пет дена, освен рокот утврден за спроведување на изборната кампања, можам да потврдам дека роковите утврдени од Државната изборна комисија можат да се испочитуваат, истакна Џафери.
Тој додаде:
-Лидерите го вратија мандатот кај Вас, обврска е на институциите да обезбедат услови за спроведување на фер, слободни и демократски избори на кои Вие ќе го искористите Вашето демократско граѓанско право и обврска.
Апелирам до сите учесници на овој изборен процес, политички партии, партиски членови, членови на Избирачките одбори и Општинските изборни комисии, и најважно од се, медиумите, да бидат на висина на својата задача, да придонесат да изборниот ден биде свечен ден и уште еден позитивен прилог во Извештајот за напредокот на земјата што треба да биде објавен во месец март, со што ќе дадеме свој значаен удел во позитивниот исход на Самитот во Загреб и да добиеме датум за почеток на преговорите со ЕУ. Впрочем, така и личи на земја која набрзо ќе стане 30-та полноправна членка на НАТО.
Во врска со вчерашното носење на Законот за јавно обвинителство и повтореното гласање откако во првото гласаа 74 пратеници, шест помалку од неопходните 80, по што Џафери го поништи тој рече дека законот е донесен во соодветна процедура. Според претседателот на Собранието до тоа дошло затоа што пратениците се пожалиле дека не можеле да гласаат поради проблем со техниката по што тој им овозможил.
Во врска со другата забелешка на ВМРО-ДПМНЕ дека и Законот за Советот за јавни обвинители не е донесен бидејќи требал да се гласа со бадентерово мнозинство, а тоа не се случило, Џафери вели дека се работи за негова грешка.
„Јас укажав пратениците да се подготват да гласаат со Бадентер, но сфатив дека сум во грешка. Тоа е моја грешка. Официјалниот дел од сценариото, кој што е архивиран е дека законот е изгласан без Бадентер, а така е впрочем и според Уставот. Основниот закон е донесен без Бадентер и доплнувањата се носат без Бадентер. Тоа може да се потврди и со листингот на гласање. Да јас згрешив. Мислам дека не е крај на светот ако човек каже, да јас згрешив“, рече Џафери.