Денес СДСМ и Демократската унија за интеграции договорија Влада, која планираат да трае во следните 4 години. Зоран Заев и Али Ахмети се појавија на прес конференција и објаснија детаљи од нивниот договор.
Се укинува Пржинскиот модел на техничка влада и се укинува и позицијата технички премиер 100 дена пред избори, изјави денеска претседателот на СДСМ Зоран Заев во одговор на новинарски прашања.
Ова според претседателот Заев ќе овозможи сите претседатели на партии, пред изборите да бидат во рамноправна ситуација.
„За сите политички партии на сто дена пред изборите, да бидат еднакви и рамноправни, и со претседатели кои ќе бидат единствено во политичките партии, на 100 дена пред истекот на мандатот на владата коалиционите партнери СДСМ и ДУИ, на предлог на ДУИ, ќе го постават премиерот, кој ќе ја води владата во последните 100 дена од редовниот мандат.
Тоа е градење на доверба, на партнерство и тоа ќе ги осигура граѓаните. На крајот, имала Република Северна Македонија министер за внатрешни работи Албанец, министер за одбрана, претседател на Собрание, државата продолжува да биде сигурна, безбедна, напредна, успешна.
Мене ми е голема чест што успеавме да постигнеме коалициски договор во којшто токму јас ја добивам честа да бидам претседател на идната македонска влада во полн четиригодишен мандат“ заклучи претседателот Заев.
-Јас сум сигурен дека нашата денешна одлука ќе биде поздравена од сите граѓани на Македонија. Секако ќе биде поздравена и од нашите партнери од меѓународната заедница. Денешната коалиција се заснова на здрави темели.
Јас сум убеден дека денес ќе направиме добра работа. Ова партнерство кое го надградуваме за уште четири години ќе биде одлично. На следната влада и посакувам многу успех. Успешна работа и не би сакал да одземам време, тоа што го кажа Зоран Заев е тоа. Господ да ни е на помош.
Мора да признаам за храброста на Зоран Заев дека ќе има Албанец премиер во последните 100 дена. Многу значајни и храбри работи направивме. Ова се храбри одлуки, а храбри одлуки носат само храбри луѓе, рече Али Ахмети.
На новинарско прашање, кој ќе биде Претседател на Собранието, Заев рече дека функцијата повторно ќе му биде доделена на Талат Џафери.
По денешниот прес на идните коалициски партнери, на социјалните мрежи се огласи новинарот Драган Павловиќ Латас, кој важи за поддржувач на политиките на опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Тој кусо напиша:
„Тие што ја бојкотираа опозицијата денес добија премиер по свој избор.“