Дали поранешниот генерален секретар на ВМРО ДПМНЕ, Игор Јанушев имал тајни преговори со групата на Сашо Мијалков!? Таа шпекулација на успеавме да ја провериме кај двете страни, иако луѓе што ги познаваат работите велат дека каде има дим има и оган.
Но тоа што е важно, завчера Христијан Мицкоски расчисти со групата на луѓе блиски на Миле Јанакиевски во врвот на ВМРО ДПМНЕ. Условно речено, “политички газда” на Игор Јанушев беше поранешниот министер за транспорт и врски, Миле Јанакиевски. Покрај Сашо Мијалков таа групација на Миле Јанакиевски беше клучна Мицкоски да победи на Конгресот во Валандово.
Освен Јанушев, кој беше предлог на Јанакиевски да биде избран за генерален секретар, во групата на Миле Јанакиевски беа Панче Тошковски ( кумови со Јанушев ) кој е сега Претседател на Статутарната Комисија на партијата, Димитар Димовски ( кој веќе не е член на ИК на партијата ), Игор Николов ( и тој веќе не е член на ИК на партијата ), неговиот брат Мишо Николов итн.
Односно, Мицкоски расчисти со сите луѓе на Миле Јанакиевски. Дел од тие луѓе беа партнери, на еден или на друг начин, на Мицкоски во проектот со хидроцентралите, а плус тоа со нивниот транфер, од поддршка ( по велешка линија ) на Илија Димовски кон поддршка на Христијан Мицкоски, се сменија работите на теренот во корист на Мицкоски. Дури се шпекулира дека во просториите на адвокатската канцеларија на Панче Тошковски бил штабот од каде се убедувале делагатите пред Конгресот во Валандово.
Јавна тајна е дека пред заминувањето на Груевски во Будимпешта постојат два штаба во партијата, еден во Белата палата, а друг во Палома Бјанка каде беа канцелариите на Груевски, а дека врската меѓу тие два штаба бил токму Јанушев!? Јанушев всушност беше генерален секретар бидејќи на таа функција не можеше да биде избран Миле Јанакиевски.
Зошто Мицкоски расчистува со групата на Миле Јанакиевски? Јанакиевски го чекаат многу судења, но најважното судење е за настаните од 27 април. На Јанакиевски му е јасно дека тој и Гордана Јанкуловска се пуштени низ вода а дека сите други се испазарени и тука станува заплетот во приказната. Ако Јанакиевски проговори за настантите од 27 април многу крупни глави заедно со него можат да завршат во затвор!? Вклучително и Груевски!?
Дали тоа на Мицкоски му е јавено и по нарачка од Будимпешта предварително “расчистува” со групата на Јанушев и Миле Јанакиевски!?
Јанушев е пратеник во Собранието и математиките покажуваат дека може ( ако сака или ако треба ) да направи своја пратеничка група во Парламентот!? И дека таа пратеничка група може да биде ставена во функција на спасување на Миле Јанакиевски. Искуството не учи дека тие работи колку и да делуваат невозможни не можат да се отпишат како нереални.
Затоа јавно ја поставуваме дилемата: Дали оставката на Игор Јанушев значи процес на спасување на Миле Јанакиевски ( во согласност или без согласност од Будимпешта !? ) и дали таа оставка го најавува процесот на поделба на партијата и на пратеничката група на повеќе помали делови!?
Во секој случај топката снег е фрлена и сега останува да се види дали таа ќе се стопи или ќе се претвори во лавина!?
Извор: Во центар