Намерата ни е чиста. Новата концепција нема врска со Бугарија и не смееме да дозволиме дневно политиканство да ги уништи заложбите за реформирање на образованието, вели министерката Царовска.
Се соочи со критики и многу прашања откако најави дека се подготвува концепт за реформи во основното образование. Иако во моментов се подготвува само стратегијата во пристапот за учење, а дури потоа ќе следи изработка на наставните програми во консултација со експерти, професори и наставници, во јавноста веќе се свртеа заклучоци за укинување на предмети, за намалување на бројот на часови и за губење на работни места.
„Нема да се укине предметот историја, и наставниците нема да изгубат работа”, децидна е министерката за образование и наука, Мила Царовска. Во разговор за ДВ, таа објаснува како ќе тече процесот на реформи, во кој сите ќе бидат консултирани.
ДВ: Најавивте дека се менува концептот на учење. Може ли преку пример, да објасните како би изгледала наставна единица од учебник по општествени науки, во кои е интегрирана настава по историја, географија и граѓанско образование. Како во практика ќе изгледа поврзувањето на информациите од повеќе предмети?
Мила Царовска: Концептот на учење во нашите училишта час поскоро мора да биде сменет. Тоа ни го покажуваат и меѓународните извештаи за квалитетот на нашиот образовен систем (ОЕЦД, УНИЦЕФ, Светска Банка), како и резултатите на нашите ученици постигнати на меѓународите студии (ТИМС, ПИРЛС, ПИСА). Нашите ученици имаат знаење, но тоа е фактографско, до ниво на разбирање, но не знаење за примена, поврзување, ставање во различен контекст. „Паралелното“ учење на дисциплините не нуди можност за сфаќање на појавите и процесите холистички, од различни перспективи и/или нивно поврзување со стварноста. Токму затоа е потрeбна интеграцијата, којашто може да биде на различни нивоа, а ние се опредeлуваме сега за интеграција на, условно, сродни дисциплини, интеграција на природните науки и интеграција на општествено-хуманистичките науки. Содржини од овие дисциплини прилагодени според возраста, и досега беа интегрирани во предметот Општество, кој се изучува до петто одделение. Интеграцијата меѓу историјата, географијата и граѓанското образование може да биде преку најразлични теми, на пример, големите откритија, религиите во светот, културите и цивилизациите, кои учениците ќе ги разгледуваат и од историска перспектива – како и кога се појавиле или случиле, каде, во кои заедници, нивните економии и интеракции со околината (географија), како и поврзаноста на појавите/случувањата/ во општествата и нивната рефлексија на денешниот свет, современите концепти на држави, улогата на граѓаните (граѓанско образование). Но, за изборот на темите и начинот на интегрирање ќе бидат задолжени експертските тимови од факултетите, наставниците од училиштата и советниците од Бирото за развој на образованието.
Повеќе >> www.dw.com