Амди Бајрам, еден од луѓето кои долго опстојуваа на политичка сцена во самостојна Македонија, почина на 64-годишна возраст, по компликации со срцето. Оваа вест ја потврдија денеска од неговата партија на „Ромите“.
Кој беше Амди Бајрам? Роден е во 1956 година во Скопје. Има завршено средно трговско училиште. Пратеник станува првпат во 1994 година, и беше член на Собранието до последните парламентарни избори. Сега не е во собранискиот состав, откако пред неколку месеци му беше ампутирана ногата. Во последно време се повлече од политиката.
Во 2004, Бајрам беше обвинет за кражба на платно од фабриката „Македонка“ Штип, вредно 750 илјади евра. Првично беше осуден на 7 години затвор, но казната му беше намалена на 4 години. Потоа стана градоначалник на Општина Шуто Оризари, но на почетокот не ја превзеде функцијата бидејќи беше однесен на издржување на казната во затворот во Штип. Во 2007 година од страна на тогашниот претседател Црвенковски, казната му беше намалена на уште шест месеци, а во 2008 излезе од затвор.
Во првиот мандат, Бајрам работеше како независен пратеник, неговата тогашна партија беше во коалиција со СДСМ. За парламентарните избори типуваше победа на Црвенковски. Тогаш изјави дека Црвенковски ќе победи 102%.
Од 1998 до 2002 година, ја поддржа ВМРО-ДПМНЕ, тогаш на чело со премиерот Љубчо Георгиевски. Во декември кога се гласало за доверба, Владата опстана токму поради неговиот глас. Тогаш изјави дека „дал гол со пета“ на СДСМ и неговата партија секогаш е со власта.
Имаше жестока дебата на ТВ Сител со тогашниот пратеник Шабан Салиу.
По напуштањето на затворот, повторно беше во коалиција со ВМРО-ДПМНЕ предводена од Никола Груевски. Бајрам тогаш вербално се пресметуваше со пратеници на СДСМ велејќи им дека е „Кока Кола“. За време на протестите во 2012 на СДСМ, Бајрам им покажа среден прст на тогашните опозиционери и ги навредуваше.
Бајрам ја прекина коалицијата со ВМРО-ДПМНЕ во 2016 година, и повторно коалицираше со СДСМ со сегашниот премиер Зоран Заев до крајот на мандатот оваа година. Го поддржа референдумот во 2018 година, и ги повика граѓаните на Шуто Оризари да излезат на 30. септември.
Пред годинашните избори во 2020 година, прашан со кого ќе коалицира, Бајрам одговори:
„Секогаш треба да бидам со власта. Бев во тој брод, Титаник пропадна, нормално преминав во другиот брод и имаме успешна соработка“, рече Бајрам.
А, за време на кампања за парламентарните избори во 2016 година, на еден митинг пред присутните истакна дека подготвувал кафез со еден зајак, алудирајќи на тогашниот кандидат од СДСМ, Зоран Заев.
Во април оваа година, му беше ампутирана ногата. Изјави дека закрепнува, ќе стави протеза, и дека смета дека ќе се врати во политиката. Но, оттогаш не е активен во политиката.
Пред неколку дена се појави со фотографии од Турција, каде правеше свадбена веселба за својата внука, откако во Македонија беа забранети вакви веселби.
Тој е татко на Елвис Бајрам, актуелен градоначалник на општина Шуто Оризари.