Филипче: Болниците се преполнуваат, се спремаме и за сценарио за носење пациенти во други земји

Прочитај за: 2 минути

За неколку дена ќе биде ставено во функција новото крило во струмичката болница за лекување на пациенти со ковид-19, соопшти денеска министерот за здравство Венко Филипче, кој ги посети болниците во Штип и во Струмица.

Од штипската болница ќе се префрлуваат пациенти во Кочани. Во Струмица ќе се пополнува кадарот со колеги од интерна медицина. Новото крило во струмичката болница е целосно снабдено со болнички кревети, централен довод на кислород. Таму има вкупен капацитет од стотина кревети.

Во струмичката болница има двајца инфектолози, а на помош доаѓаат колегите од интерна медицина, еден колега од Институтот за белодробни заболувања од Скопје, кој ќе остане, како и уште еден професор од Инфективната клиника кој ќе се придружи на тимот од почетокот на следната недела. Ќе се направи систем за ротација и на медицинските сестри во рамките на болницата.

– Може да се соочиме со период целокупната останата програма да се намали со цел целиот кадар да се посвети на лекување на пациентите со ковид-19 – најави Филипче.

Тестирањето за ковид-19 во Струмица е ограничено на 30 теста дневно. Филипче најави дополнителен број термини за земање брис, а додаде дека граѓаните имаат алтернатива и за приватни тестови.

– Притисокот е навистина голем. Искрено се надевам дека мерките кои ги препорачавме ќе придонесат да се намали трансмисијата на вирусот. Гледаме што се случува во целиот регион, цела Европа, се преполнуваат болничките капацитети, а тоа е нешто што сите земји сакаме да го избегнеме. Овие мерки што се на сега на сила имаат за цел да имитираат некаков облик на полициски час, значи лимитирање на бројот на конакти, носење маски, избегнување на групирање – рече Филипче.

Доколку дојде ситуација да се треба да се ангажираат уште поголем број луѓе, ќе се пренаменат и другите болнички капацитети, нешто што веќе се практикува во болниците во Битола, Прилеп и во Охрид. Таму се сместуваат пациенти на интернистичките одделенија.

– Можно е да се соочиме со ситуација кога и друг кадар ќе работи само со пациенти со ковид-19. Гледате дека се носат пациенти од една во друга земја на лекување, се надевам дека нема да се случи такво сценарио, но и за такви моменти се спремаме – додаде министерот.

Тој додаде дека болниците се преполнуваат, во Скопје постепено се полни и модуларното одделение, се прават подготовки за болницата во Козле и за дополнителни капацитети на болницата во „8 Септември“.

– Следи Македонски Весник за повеќе содржини –

- Следи Македонски Весник за повеќе содржини -

SHARE