Популарниот јутјубер од Јужна Кореја Кен Ри се обидува да побегне од Украина десетина дена откако отиде таму со цел да се бори против руските сили.
Ли Геун, попознат како Кен Ри, е 37 годишен поранешен корејски маринец и гради мачо имиџ на социјалните мрежи. Тој се пожали дека јужнокорејската Влада сака да го спречи во неговиот план да иде до Украина, но на крај сепак успеал да најде начин да стигне таму.
Ако се вратам жив, ќе прифатам одговорност од властите, горделиво најави Кен Ри.
Но, набргу по пристигнувањето, тој се предомислил и решил да се врати дома. Тој се упатил кон границата со Полска, но засега Полска не му дозволува да ја напушти земјата. Украина им забрани на своите полнолетни мажи да ја напуштат земјата бидејќи се потребни за воените единици, а бара и од странците кои ќе се приклучат на таканаречената украинска Легија да потпишат долгорочни договори дека ќе служат како борци.
Корејските медиуми јавуваат дека Кен Ри стигнал до Киев, но откако ја увидел очајната положба на странските борци, решил заедно со уште четворица соборци да ја напушти земјата. Тој сега бара помош од јужнокорејските власти да му овозможат излез од земјата.