Од целиот општествено-политички контекст, од минатата година до денес, само ми се потврдуваат одредени сознанија и сомневања дека политичката елиминација по нарачка на засегнати страни од моето политичко и професионално дејствување е делумно постигната. Сферата на безбедноста е бара со многу крокодили што демнат. Јас ги знам сите актери на оваа валкана и неиздржана конструкција против мене и прашање на време е кога ќе се соочат со сите средства што ми стојат на располагање да ги соочам со нивната одговорност за овој груб атак на мојот интегритет, изјави Фросина Ременски во интервју за „Фокус“. Ременски вчера беше ослободена од обвинението за изнудување во случајот Меѓународен Сојуз, во кој нејзиниот пријател Бојан Јовановски – Боки 13 доби втора казна од девет години затвор.
Ременски ги обвинува функционерите Дејан Андонов, Лазе Велковски, Вилма Русковска и Гордана Смаќовска за прогонот врз неа. Таа вели дека во организацијата Меѓународен Сојуз имало и други видни лица од СДСМ, па дури и од дипломатскиот кор, но само таа била обвинета.
Во невладината организација почесно членство освен мене има Илинка Митрева, Чарлс Гарет, Костадин Костадинов и Стефан Богоев. Сите ние, и бројни познати лица од политиката, науката, спортот, невладиниот сектор, медиумите бевме дел од свечената манифестација на основање на невладината „Меѓународен сојуз“ при што бевме избрани за почесни членови, без право на никакво формално одлучување, претпоставувам како признание на наши минати активности и заложби во сферата на хуманите активности и поддршки што ги имале сите на кои тоа им било потребно. Бојан Јовановски го познавам од периодот на неговите хуманитарни активности и манифестации што ги организирал и на кои учествувале многу граѓани, а лично го запознав во 2016 година, кога за време на техничката влада спасував од неоснован предлог за отказ неколку вработени, за да дознам подоцна дека една од вработените била и неговата мајка. И денес ќе кажам дека Бојан, наспроти сите епитети што ги носел и кои ги понесе, беше другар со сите и делеше блискост со многу луѓе, кои денес се прават дека не го познаваат. Лично, никогаш не сум била дел од ниту едно лицемерие насочено кон лице или група и никогаш не сум потценила човек, без разлика на јавни осуди и квалификации што ги носел, вели Ременски.
Целото интервју можете да го прочитате тука.