Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски ги повика албанските партии на разговор за укинување на Бадинтеровото мнозинство. Ова е неговата реакција на барњата на албанските партии, изнесени по пописот, да се смени Уставот за Македонија да стане целосно двојазична земја. Според Мицкоски, ова е напуштање на Охридскиот рамковен договор, и во тој случај треба да се разговара и за другите одредби од Охрид.
Подготвен сум да разговарам за се, подготвен сум да разговарам и за бришење на процентите, подготвен сум да разговарам и очекувам поддршка и од останатите политички партии за една изборна единица. Подготвен сум и да разговарам за бришење на Бадинтерот, бришење на балансерот бидејќи гледам дека одредени политички субјекти сакаат постепено да го напуштат Охридскиот рамковен договор. Тогаш ајде заеднички да создадеме општество кое што ќе го проектираме од денеска па за следните 50 години“, изјави Мицкоски при посета на општина Кавадарци.
Мицкоски исто така рече дека треба да се воведе една изборна единици бидејќи, како што сега стојат работите, албански пратеници во шестата изборна единица се бираат со само 5,500 гласови, додека во другите изборни единици треба и до 8,500 гласови.
Сите денеска сме поискусни затоа ајде да разговараме за бришење и на балансерот и на Бадинтерот и да разговараме за бришење на процентите, да разговараме за една изборна единица подеднакво секаде да биде вреднуван гласот на гласачот, а не во изборна единица тој да биде 5-5.500, а во друга изборна единица да биде 8-8.500. ајде сите да разговараме за овие теми. Се надевам дека и останатите политички партии ја гледаат на овој начин Македонија во следните 50 години, Македонија држава за сите граѓани подеднакво каде што ќе напредуваме според нашите компетенции, според нашите вештини и според нашето знаење. А, не за тоа што сме дел од некакви квоти или некакви проценти, рече Мицкоски.