Трошоците поврзани со следењето како на овој, така и на другите натпревари сама си ги покривам, вели за Телевизија 24 вишата јавна обвинителка Фатиме Фетаи, откако заедно со министерот за правда, Никола Тупанчевски и претседателот на основниот суд во Кавадарци, Лазар Нанев беа забележани на камера во ВИП ложата на вчерашниот меч Италија – Македонија.
Повеќе медиуми упатија исти прашања и до министерот Тупанчевски и судијата Нанев, но тие досега не одговорија.
Антикорупциската комисија пак, вели министерот, обвинителката и судијата сами да си кажат кој им ги подмири трошоците за патувањето.
„Доколку службените лица не патувале во рамки на своите службени должности, сами нека си објават кој им ги подмирил трошоците за патување. Повикуваме министерот за правда, Никола Тупанчевски, вишата јавна обвинителка Фатиме Фетаи и претседателот на Основниот суд Кавадарци Лазар Нанев, сами да кажат кој им ги плати билетите и патувањето.“ – велат од Државна комисија за спречување на корупцијата.
Антикорупционерите предупредуваат, доколку картите и патувањето се подарок, тие ги прекршиле етичките кодекси на владата, обвинителите и судиите.