Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган во средата рече дека неговата земја е подготвена да го разгледа прашањето за купување на ракетни системи С-500 од Русија во иднина.
Во интервју за 24 ТВ, турскиот лидер, исто така, рече дека договорот со Москва за купување на ракетните системи С-400 е завршена работа.
„Прашањето на С-400 е завршена работа со постигнат договор, а ние нема да го отфрлиме под никакви околности. Се договоривме со Русија, а можеби и ќе имаме заедничко производство. Можеби ќе ги разгледаме опциите за С-500 подоцна во иднина,“ рече тој.
Ердоган во јули минатата година рече дека му предложил заедничко производство на С-500 на рускиот претседател Владимир Путин, но не кажа кој бил одговорот на рускиот претседател.
Системот С-500 беше дизајниран да го замени С-400. Рускиот министер за одбрана, Сергеј Шојгу, претходно изјави дека руските вооружени сили ќе почнат да добиваат системи С-500 во 2020 година.
Портпаролот на американскиот Стејт департмент, Роберт Паладино, претходно неделава изјави дека Вашингтон јасно ја предупредил Турција оти нејзиното потенцијално купување С-400 ќе резултира со повторна проценка на учеството на Турција во програмата Ф-35 и дека Анкара ризикува други потенцијални идни трансфери на оружје во Турција.
Тој, исто така, рече дека договорот за С-400 може да резултира со санкции од САД во рамките на Законот за справување со противниците на Америка преку санкции (CAATSA).